понеделник, август 10, 2026
Дома СПОРТ Кој беше Хорхе Меси?

Кој беше Хорхе Меси?

39

Хорхе Меси, таткото на Лионел Меси и долгогодишен негов претставник, почина на 68-годишна возраст, по долго боледување. Почина во петокот вечерта, во клиника во својот роден град Росарио, откако ги помина последните месеци наизменично и со лекување дома, со сопругата Селија и семејството. Лионел остана со него некое време по Светското првенство пред да им се врати на своите должности во Интер Мајами.

Хорхе ѝ беше познат на пошироката јавност со децении, како човекот што управуваше практично со сите најважни работни места во кариерата на еден од најголемите фудбалери во историјата. Но, пред договорите вредни милиони долари со Барселона, Адидас, ПСЖ и Интер Мајами, тој живеел сосема поинаков живот. Хорхе Хорасио Меси пораснал во Росарио. Како млад човек, играл во младинскиот среден ред на Њуелс олд бојс, но го напуштил фудбалот откако отишол да служи војска. Работел на разни работни места, се обучувал за хемиски техничар, а во 1980-тите се вработил во металуршката компанија „Ациндар“. Според биографијата на Лионел Меси од Гиљем Балаге, тој на крајот стигнал до менаџерска позиција таму.

Со својата сопруга Селија Кучитини, има четири деца: Родриго, Матијас, Лионел и Марија Сол. Таткото на Хорхе, Еузебио, го изучил ѕидарскиот занает, а Хорхе, исто така, помогнал во градењето на скромната куќа на семејството во јужниот дел на Росарио. Никој не можел да замисли тогаш дека неколку години подоцна семејството Меси ќе мора да донесува одлуки вредни милиони.

Сепак, фудбалот бил дел од семејството од самиот почеток. Хорхе го тренирал Лионел кога бил момче, играјќи за локалниот Грандоли, а подоцна редовно го следел на полињата на Њуелс. Клучниот момент дошол кога на Лионел му бил дијагностициран проблем со хормонот за раст. Третманот бил скап, а Хорхе се обидел да најде клуб што ќе му помогне на семејството да ја финансира терапијата. Њуелс не понудил решение што ќе го задоволи семејството, па го однел својот син на проба во Ривер плата. На крајот, се отворила можноста да оди во Барселона. Лионел имал само 13 години кога отпатувал во Каталонија со својот татко, на пробен период во 2000 година. Барселона брзо сфатила каков талент има пред себе, но реализацијата на договорот не одела непречено. По месеци чекање, Хорхе го загубил трпението и им кажал на луѓето од Барселона дека ќе го земе неговиот син ако клубот, конечно, не го потврди договорот. Во тој период настанала познатата приказна за договорот напишан на хартиена салфетка, со кој тогашниот спортски директор на Барселона, Карлес Рексач, се обврзал да го доведе Меси во клубот. Самата салфетка не била формален договор, ниту, пак, била потпишана од Хорхе, но служела како гаранција дека Барселона ќе го исполни своето ветување.

Почетокот во Шпанија бил тежок. Дел од семејството не можело да се приспособи на животот далеку од Аргентина, па Селија и другите деца се вратиле во Росарио. Хорхе останал во Барселона со Лионел. Меси години подоцна рекол дека двајцата криеле колку им било тешко. Неговиот татко го прашал дали сака да се врати во Аргентина или да продолжи да се обидува. Лионел решил да не замине, а Хорхе останал со него.

Тоа била врска што не се променила многу дури ни кога стана момчето од Росарио најдобар фудбалер на светот.

– Секогаш ми требаше одобрението од татко ми. По секој натпревар го прашував како играм – се присети Лионел Меси.

Хорхе на почетокот не бил фудбалски агент. Тој го научил бизнисот брзо, со луѓе што му помагале на семејството откако пристигнало во Шпанија. По првите преговори со Барселона, тој постепено ја презеде контролата врз бизнисот на својот син и стана негов главен претставник. Како што експлодираше кариерата на Лионел, Хорхе изгради цела деловна структура околу него. Беа ангажирани експерти за правни прашања, маркетинг, комуникации и финансии, но последниот збор во големите преговори му припаѓаше на семејството со години. „Ле Монд“ го опиша како самоук човек, кој од супервизор во челичарница станал агент на идна глобална ѕвезда.

Хорхе преговараше со Барселона во поголемиот дел од кариерата на Лионел, учествуваше во договорите со најголемите светски компании и остана клучна фигура во подоцнежните промени во клубот. Тој беше директно вклучен во разговорите со Жоан Лапорта во врска со евентуалното враќање на Меси во Барселона во 2023 година и токму тој на крајот му ја соопшти одлуката дека ќе оди Лионел во Интер Мајами.

Најголем удар надвор од теренот беше даночниот случај во Шпанија. Лионел и Хорхе Меси беа прогласени за виновни во 2016 година за даночна измама поврзана со приходите на Лионел од рекламните права помеѓу 2007 и 2009 година. Вклучената сума беше 4,1 милион евра неплатени даноци.

Хорхе првично беше осуден на 21 месец затвор, кој подоцна беше намален на 15 месеци од страна на Врховниот суд на Шпанија. Казната подоцна беше заменета со парична, па тој не отиде во затвор.

Силата на врската татко – син остана до самиот крај, тоа стана јасно во текот на неодамнешното Светско првенство. Меси се расплака откако постигна гол против Алжир, а по натпреварот објасни дека причината нема никаква врска со фудбалот и дека имал неколку многу тешки дена. Набргу потоа семејството објави дека Хорхе има сериозни здравствени проблеми и дека е под медицински надзор.

Хорхе ги помина последните месеци од својот живот со своето семејство во Росарио. Тој ги остави зад себе сопругата Селија, четирите деца и приказната што течеше паралелно со кариерата на неговиот најпознат син речиси три децении.

Лионел имаше талент што го промени фудбалот. Работата на Хорхе беше да осигури дека ништо нема да му застане на патот надвор од теренот. Од човек што работел во фабрика од областа на металургијата, тој стана еден од највлијателните луѓе зад сцената на светскиот фудбал, обидувајќи се да остане таму речиси цело време.

ИЗДВОЕНИ