среда, октомври 14, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА КЛЕКОВСКИ: Ива Михаилова избега поради доаѓањето на бугарските лекари

КЛЕКОВСКИ: Ива Михаилова избега поради доаѓањето на бугарските лекари

149

Министерот за здравство, Сашо Клековски, смета дека заминувањето на Ива Михаилова во Бугарија е поврзано со најавеното доаѓање на бугарскиот лекарски конзилиум во Македонија, кој требаше заедно со македонските лекари да ги провери нејзините наводи дека методите за лекување што ѝ се потребни не се применуваат во земјава. Според Клековски, заедничкиот преглед ќе покажел дали има здравствена основа за лекување во странство и каква е вистинската состојба.

„Бегството е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум. Тој требаше заедно со македонските лекари да ги провери наводите на лицето. Мислам дека тогаш ќе излезеа работите на виделина какви се. Јас патувам во Софија, секако ќе разговарам со нивното Министерство за тоа, бидејќи во основата, таму нема здравствен случај“, изјави Клековски.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ бара по допрен глас да се истражи дали зад заминувањето на Михаилова во Бугарија стојат актуелниот и поранешниот лидер на СДСМ, Венко Филипче и Зоран Заев. Партијата ги поврзува сомневањата со медицинскиот извештај за Михаилова, во кој се наведува дека методите за нејзиното лекување не се изведуваат во Македонија, и се препорачува лекување во Бугарија или Турција. Извештајот го изготвил докторот Иван Барбов, кој во времето на СДСМ бил директор на Клиниката за неврологија и, како што наведува партијата, на функцијата бил поставен во 2017 година од Заев и Филипче.

„Овие околности се доволни за да се отвори прашањето дали Заев и Филипче биле уценети од бугарскиот премиер Румен Радев и дали ургирале кај Барбов да ја постави дијагнозата и да го изготви извештајот врз основа на кој се препорачува лекување во странство“, велат од ВМРО ДПМНЕ објавувајќи го специјалистичкото мислење на доктор Барбов за пациентката.

СДСМ: Муцунски договарал, Тошковски ја пуштил, Мицкоски дал амин

Опозицискиот СДСМ тврди дека напуштањето на земјата на Михаилова е резултат на директни договори „под маса“ и ја обвини власта дека се обидува да ја префрли одговорноста на опозицијата.

„Зад грбот на народот се договорија со Бугарија и ја пуштија Ива Михаилова преку граница. Муцунски договарал, Тошковски ја пуштил, а Мицкоски дал амин. Наместо одговорност од Тошковски, сега народот гледа театар. Се повикува амбасадорот на Бугарија, се распишува потерница, се бара притвор, префрлаат одговорност на некој друг, се тера медиумска кампања, криви им се Филипче, Заев, СДСМ“, реагираат од СДСМ. Од партијата оценуваат дека случајот ја покажува нефункционалноста на граничниот систем, кој го опишуваат како „швајцарско сирење и решето и за криминалци и за бегалци од правдата“.

„Бараме оставка веднаш од Панче Тошковски како министер кој раководи со полицијата и граничните служби. Законот мора да важи еднакво за сите. Граѓаните заслужуваат правда, а сите одговорни ќе одговараат пред независно судство и пред европските институции“, порачуваат од СДСМ.

Либерално-демократската партија остро го критикуваше молкот на премиерот Христијан Мицкоски и побара одговорност од државниот врв и раководителите на безбедносните служби. Од ЛДП велат дека случајот отвора сериозни прашања за функционирањето на границата и способноста на институциите да обезбедат почитување на судските мерки.

„Додека државната граница функционира како пропустлив синус каде што со обична македонска лична карта и без евиденција се преминува во странство, се поставува клучното прашање: Го видел некој премиерот? Човекот кој обично свечено отвора трафики и продавници и коментира кога ќе се прска за комарци, за овој мегаскандал во кој се заглавени повеќе министерства и служби, го нема никаде! Да не избега и тој нелегално во Бугарија?! Или си премиер и лидер што носи одговорност или те нема кога гори државата?!“, наведуваат од ЛДП. Од партијата предупредуваат дека случајот може да испрати опасна порака дека некој може да ги прекрши судските мерки, да ја напушти земјата и потоа да се претставува како жртва, додека институциите реагираат дури откако лицето веќе заминало.

„Доста е од евтин политички театар, национал-шовинистички манипулации и префрлање на топката врз грбот на човечки трагедии. Ако премиерот, министрите и раководителите на безбедносните служби не можат да ја чуваат сопствената државна граница ниту да воспостават владеење на правото, најмалку што можат да сторат е да си поднесат оставки и да отворат приватна агенција за ‘ВИП-бегства без печат’. Време е за итна ревизија на целиот правосуден систем, пред државата целосно да ни се претвори во приватна агенција за бегалци со државен благослов!“, наведуваат од ЛДП.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ги отфрли барањата на опозицијата за негова оставка и тврди дека во периодот кога таа била на власт имало повеќекратно повеќе бегства.

„МВР работи на решавање на милион проблеми, што не е оправдување зошто ние досега максимално не сме се фокусирале во обезбедување на зелената граница со соодветен систем на детекција, реакција, сензори, беспилотни летала, хеликоптери. Треба да се фокусираме на овој дел, но полицијата работи и тоа е опипливо за македонските граѓани овие две и пол години“, изјави Тошковски во телевизиско интервју.

 ПРАВДА: Нема постапка за екстрадиција без известување од Бугарија

Мала е веројатноста Михаилова да биде вратена во Македонија по институционален пат. Од Министерството за правда објаснуваат дека постапката за екстрадиција се спроведува согласно со Европската конвенција за екстрадиција, но македонските власти, до овој момент, немаат добиено известување оти Ива Михаилова е уапсена или лоцирана во друга држава.

„Доколку МВР на Македонија биде информирано од страна на МВР на Бугарија дека лицето за кое прашувате е лоцирано или лишено од слобода врз основа на наша распишана меѓународна потерница, тогаш Министерство за правда на Македонија, откако ќе биде известено,  ја започнува постапката за екстрадиција, одговорија за ВЕЧЕР од Министерството за правда.

Дополнителна околност во овој случај е тоа што Бугарија има резерва во однос на екстрадицијата на сопствени државјани. Во отсуство на билатерален договор за екстрадиција, можноста Михаилова да биде испорачана во Македонија е еднаква на нула исто како и за нејзиниот татко, осуден на 12, 5 години затвор за обид за убиство. (П. А.) 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ