четврток, октомври 15, 2026
Дома СКОПСКА Ќе се повтори ли Теферич во Усје?

Ќе се повтори ли Теферич во Усје?

1

Жителите на Усје, во фејсбук-групата „Кисела Вода – Пријави проблем“, предупредуваат за пукнатини и разделувања на една од улиците во населбата.

Од фотографиите што ги објавиле, можат да се видат пукнатините на улицата, но и тоа дека, од страните, коловозот почнал да се свлекува и одвојува. Тие реагираат и прашуваат: Како Теферич треба да се случи и во Усје? Притоа бараат итно решавање на проблемот.

Жителка коментира дека уште по земјотресот во 1963 година, според изјави на сеизмолози од Жданец кон Кисела Вода, Припор имало голем расед кој дури последниве години евидентно се покажува на дело.

Инаку, според професорот на Градежниот факултет, Горан Мијоски, утврдувањето на причините за деградацијата на коловозната конструкција на улиците во населбата „Усје“, наложува системски инженерски пристап.

– Тој започнува со задолжителен теренски увид и визуелно инспекција со која ќе се мапираат оштетувањата. Според резултатите од увидот, се изготвува предлог-програма за теренски и лабораториски истражни работи. Анализата на овие податоци ќе ги дефинира причините, кои најчесто произлегуваат од синергиско дејство на повеќе фактори. Врз база на овие егзактни показатели, финално би се дефинирале причините за оштетување, а потоа и соодветните мерки за трајна санација  – појаснува тој.

Од Општина Кисела Вода велат дека  целосно се запознаени со посочениот проблем во населеното место Усје.

– Надлежните општински служби веќе излегоа на терен и извршија детален увид и врз основа на стручната процена, утврдено е дека е неопходна изградба на потпорен ѕид кој ќе го осигури и стабилизира земјиштето на овој потег. Постапката за реализација на овој градежен зафат е веќе во тек. Општина Кисела Вода ги презема сите неопходни мерки за проблемот да биде решен темелно и во најкус можен рок – потенцираат од локалната самоуправа, нагласувајќи дека безбедноста на жителите е нивен врвен приоритет, поради што, како што велат со максимална сериозност пристапиле кон решавање на овој проблем, со цел да се превенираат какви било понатамошни ризици.

Што се однесува, пак, до патот кон Теферич, чија санација за презеде Министерството за транспорт, оттаму велат дека фирмата „Цеацон”, која е избрана како најповолен понудувач за извршување на градежните работи, веќе ги започнала градежните зафати.

– Склучен е Договор со фирмата и таа е воведена во работа на 29 септември 2026 година. Вредноста на договорот е 48, 8 милиони денари за изведување и 317 илјади денари на надзор – одговорија од Министерството за транспорт.

Рокот за завршување на работите е 12 месеци.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ