Писателката Оливера Ќорвезироска, по промоцијата, на својата фејсбук-страница објави: „Несекојдневна промоција на несекојдневна авторка – професорка, поетеса, танчарка“, а професорката и промоторка на книгата, Ана Мартиноска, пак, истакна: „Тишината, конечно, пее! Фантастична промоција на поетското првенче на Георгиевска-Јаковлева, „Даночен број на страста“, која и буквално ја размрда преполната сала“

– Имам еден даночен број, но страстите ми се повеќе – вели Лорета Георгиевска-Јаковлева, професорка, пасионирана истражувачка на современата македонска литература и култура и од неодамна поетеса, која деновиве ја промовираше својата дебитантска збирка, „Даночен број на страста“.

Промоцијата одржана во КИЦ во Скопје вклучуваше мултимедијална презентација на повеќе песни на Георгиевска-Јаковлева, но на крајот беше заокружена со танц во кој учествуваше и таа.

Писателката Оливера Ќорвезироска, по промоцијата, на својата фејсбук- страница објави: „Несекојдневна промоција на несекојдневна авторка – професорка, поетеса, танчарка“, а професорката и промоторка на книгата, Ана Мартиноска, пак, истакна: „Тишината, конечно, пее! Фантастична промоција на поетското првенче на Георгиевска-Јаковлева, „Даночен број на страста“, која и буквално ја размрда преполната сала“.

Тоа беше и повод да ја прашаме авторката што, според неа, е тоа што предизвика вакви и слични реакции?

– Веројатно, мојата опседнатост со различни работи и моето одбивање да се претворам во папагал со реплики што личат една на друга, па авторството станува неважно. Едното со другото е поврзано или јас така го доживувам. Затоа не можам да ја разберам фразата „сваштар“, во контекст на тоа дека некои луѓе не остануваат само во првично одбраната професија, се едуцираат, истражуваат, се обидуваат да видат една појава од различни аспекти и си дозволуваат од таа позиција да излезат во јавноста. Таквите често се оданочуваат со етикетите „експерт за сè, во сè се меша, аматер со високо мислење за себе“ и слично. И тоа понекогаш е точно. Но, понекогаш, особено онаму каде што има желба да се открие и да се види и нешто друго, каде што има опседнатост со нови, поинакви можности, со поместување на личните и на колективните граници, нешто што не може да се случи без страст, сфатена во најшироката смисла на зборот, тогаш обично етикетата или стереотипот доаѓа по својот данок – вели таа.

Додава дека токму тоа се оние малкумина што се осмелуваат да мислат поинаку и затоа ретко се сфатени, а уште поретко признаени од општеството.

– Но, имаат страст. А, страста тешко општествено се контролира, колку и да е висок данокот што треба да се плати за неа. Сепак, јас не сум човек што сака да критикува. Промените во светот се драстични и мојата позиција е – што може да се извлече од тие промени за добро. Во тој контекст, поезијата е жанр што има најмала рецепција, а визуелното е сè подоминантно. И наместо да ja критикуваме таа доминација и да плачеме над „црната судбина“ што ја снајде поезијата, добро е да се „искористи“ тој тренд и да се направи нешто ново што ќе има смисла – додава професорката.

Како што истакнува самата, промоцијата на збирката беше беспрекорно изведена благодарение на „Лазар-арт студио“, кое ги преточи нејзините стихови во слика и звук, како и на актерката Ирена Ристиќ, која со својата изведба им даде дополнителен уметнички печат.

– На ваков начин, поезијата во ерата на визуелното може да биде одлично пласирана и „искористена“. На промоцијата, публиката го почувствува и го поздрави тоа. Мојата страст кон танцот, изведен на крајот од промоцијата, беше само уште една моја даночна пријава, однапред подготвена да го плати данокот за неконвенционалност – додава Георгиевска-Јаковлева.

Инаку, стихозбирката претставува комплексен и многуслоен проект на современата поетска мисла, каде што индивидуалната интимност, љубовта, моралот и интелектуалната слобода се разгледуваат преку различни филозофски, историски и уметнички референции.

Промоторката Мартиноска во своето обраќање рече дека иако Георгиевска-Јаковлева не е ново име во областа на македонската книжевност, туку токму спротивното, бидејќи го минува целиот свој работен век во проследување на современата македонска литература и нејзиниот компаративен контекст, како високо профилирана книжевна теоретичарка, критичарка, научничка и професорка во Институтот за македонска литература, на културолошките студии и како авторка на десетина книги со книжевни студии, сепак, претставува еден вид изненадување што се охрабрила за еден нов книжевен предизвик, особено ако се земе предвид нејзината децениска фасцинација со романот како жанр.

– Но, сите што приватно ја познаваме ќе се согласиме дека ова не е првпат да нè изненади, напротив, нејзините идеи и креативни провокации се бројни и со различни провениенции, а она што им е заедничко е токму нејзината страст со која им се нафрла, не штедејќи се себеси ни малку, давајќи се целосно и без задршка – рече Мартиноска.

Посочи дека книгата започнува со песната „Два гласа за еден ум“, која не само што го дава насловот на целата збирка туку на извесен начин и ја сумира нејзината суштина.

– Во неа се судираат индивидуалната мисла и колективниот конформизам, двата гласа што можат да се читаат како два спротивни импулси во истиот човек: гласот што сака да мисли слободно и гласот што на крајот се приспособува – вели промоторката.

Таа додава дека збирката завршува онака како што почнува, со циклус наречен „Епилог“, во кој мислата, љубовта и човечноста им се спротивставени на дигиталната површност, институционалната моќ, конформизмот и на културата на самопромоција.

– И тука, можеби, најдобро се препознава основниот тон на книгата: современа ангажирана поезија, со силен сатиричен и филозофски набој. Она, пак, што е помеѓу почетокот и крајот, се циклусите на значително полирични и понежни песни, кои ја прошируваат тематската палета на Георгиевска-Јаковлева: наместо директна општествена критика, тука имаме љубов, неискажаност, уметност и преобразување на интимната болка во дело – додаде Мартиноска.

Како што појаснува таа, четирите циклуси во стихозбирката им се посветени на филозофите, композиторите, писателите и на визуелните уметници, чиј распон се движи од Кант, Кјеркегор и Фуко, преку Шопен и Бетовен, Орвел, Атвуд и Кундера, па сè до Модиљани, Дали и Фрида Кало, а љубовта е основната идеја, сеедно дали е остварена, искажана, слободна, телесна или не.

– Во песните, авторката се бори со светлина против цензурата и ниже слики на тој убав парадокс – љубовта може да е бесмртна или здодевна, величествена или бесмислена, безгрижна или забранета, радост, но и храброст. Во целина, идеите во целата збирка се кохерентни, актуелни и препознатливи, со јасен авторски став. Би додала и женски. Жената кај Лорета или Лорета како жена не е во пасивна позиција, таа е субјект што ја обликува својата приказна, во кој љубовта не е само емоција туку и етика, а животот активна потрага по смислата, бестрашен порив за слободата на избор! На крајот, можеби токму тоа е и најважната нишка што ги поврзува овие на изглед различни песни: слободата да се избере, да се сака, да се мисли и да се биде свој – завршува Мартиноска. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ