Нови закони за концесии и јавно-приватни партнерства се очекува да бидат финализирани до крајот на годинава и да влезат во собраниска процедура, најави министерката за енергетика, Сања Божиновска. Законските решенија треба да ги подобрат транспарентноста, надзорот и условите за привлекување инвестиции.

Божиновска информираше дека ќе се формира работна група со претставници од 15 институции, при што сè уште недостигаат номинации од пет институции. По нивното вклучување, ќе бидат разгледани доставените коментари за двата закони.

Таа посочи дека една од новините ќе биде воспоставувањето електронски систем за евиденција на податоците, како и построгите правила за доставување информации. Досега, според неа, недостигала соодветна казнивост за институциите што не ги исполнувале обврските.

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации оцени дека концесиите и јавно-приватните партнерства може значително да придонесат за економскиот раст, особено преку финансирање инфраструктурни проекти. Сепак, анализата на Центарот укажала на слабости во законодавната и во институционалната рамка, транспарентноста и во надзорот. Како пример ги посочи наодите од ревизорскиот извештај за Општина Кичево, во кој се утврдени недостатоци поврзани со договор за јавно-приватно партнерство.

Филков нагласи дека новите закони треба да го следат европскиот пристап и да придонесат за подобро регулирање на јавните договори. Според него, усогласувањето со европските стандарди и поголемата транспарентност може да ја зголемат довербата на инвеститорите и да овозможат повеќе инвестиции, особено во инфраструктурата, важна за регионалната интеграција и за приближувањето кон единствениот европски пазар.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ