Најтрофејниот македонски ракометен клуб Вардар, го претрпе и третиот пораз во Лигата на шампионите, овојпат на домашен терен од полскиот вицешампион  Висла Плок со 32:26.

„Врвено-црните“ се мачеа пред исполнетите трибини во СЦ „Јане Сандански“ против гранитната одбрана на полскиот тим која на крајот направи разлика. Вардар од стартот бркаше негатива, на моменти приоѓаше и до „минус два“, но не успеа да го направи последниот потребен исчекор за целосен егал или пресврт.

„Чувството беше поинакво против Мелсунген и Нант, сега е сосема друго. Сега сум и лут и тажен, ама се разочарав. Не се кријам – признавам. Многу пати сум бил во полн „Јане Сандански“ и како играч и тренер. Ќе ми беше полесно ако навивачите нè исвиркаа и си заминеа, наместо вака да не бодрат по мечот. Ова е мој тим, моја екипа и сакам да не ги разочаруваме овие навивачи. Кога ќе видиме колку нè сакаат нас и клубот, дури и играчите на Висла ги поздравија, а нам ни дојде срам од поразот.  Затоа сум нерасположен, треба да го сакаш Вардар како што го сакаме ние. Сепак, постојат моменти како овој кои погодуваат повеќе. Не ми е првпат да загубам со Вардар и како играч или тренер, ама ретко кога било вака. Навивачите останаа да ни покажат поддршка долго по мечот и тоа ме погоди многу на човечко ниво“, кажа по мечот тренерот на двократниот европски шампион  Иван Чупиќ.

Освен тренерот Иван Чупиќ, разочарувањето по мечот со Висла ко кажа и Педро Да Силва.

„Влеговмер во овој натпревар со голема мотивација. Имавме шанса да дојдеме до прва победа, но не успеавме. Како играч мислам дека се што успеавме да направиме, не беше доволно. Ништо не ни успеваше. Треба да го погледнам мечот за да знам што се случи. Многу сум разочаран, но ние ќе продолжиме да го претставуваме овој клуб“, каќа Силва.

Најефикасен играч на средбата беше Матео Фадуил кој  даде 14 гола, ама не успеа да му помогне на Вардар да стигне до позитивен резултат. Втор стрелец на вардарци беше Јака Малус со четири гола, а токму недостигот на голови од бековската линија се испостави како клучен. Голманите Милош Валах со пет и Васил Гогов со четири одбрани имаа исто колку Миљан Вујовиќ на спротивната страна.

Вардарци викендов ѝ гостуваат на Струга во рамките на Суперлигата, а веќе в среда одат на гостувањето кај Висла Плок, каде што ќе го одиграат мечот од  четвртото коло.

ИЗДВОЕНИ