понеделник, јуни 22, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Ќе има ли поевтина храна за граѓаните или ќе следуваат казни за...

Ќе има ли поевтина храна за граѓаните или ќе следуваат казни за трговците?

Извештајот на ДПИ е во завршна фаза. Владата очекува поевтинување на основните прехранбени производи, а премиерот Мицкоски најавува мерки доколку не реагираат маркетите. Инспекторите утврдиле само мало отстапување кај маржите, додека кај дел од производите веќе се бележи пад на цените. Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, вели за весникот ВЕЧЕР дека засилените инспекциски контроли спречиле драстичен раст на цените и придонеле за поевтинување на дел од производите

42

Дали трговците ќе им излезат во пресрет на граѓаните и ќе ги намалат цените, како што побара премиерот Христијан Мицкоски, или ќе продолжат по старо и ќе се соочат со казни? Одговор на овие прашања треба да даде извештајот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), кој е во завршна фаза и треба да биде доставен до надлежните институции до крајот на месецов. Како што информираа од Министерството за економија за весникот ВЕЧЕР, и овој месец има мало отстапување кај бруто-профитните маржи на трговците. Сепак, на терен е евидентно намалувањето на цените на јајцата и на маслото за јадење, кои претходниот месец беа значително поскапени, како и на овошјето и зеленчукот.

– Извештајот е прикрај и до крајот на месецов ќе биде доставен до Министерството за економија и до Владата. Инспекторите постојано се на терен и ја следат состојбата со цените, и во сметководствената документација и на рафтовите. Во изминатите месеци немаше драстично покачување на цените, освен кај јајцата и маслото за јадење. Сега цената на јајцата е намалена од 110-120 на околу 90 денари, а поевтини се и маслото за јадење, овошјето и зеленчукот. Доматите се намалени од 150-180 на околу 60 денари, а краставиците од 90 на 40 денари – изјави за ВЕЧЕР директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски.

Тој додава дека има мало отстапување кај маржите, од 0,5 до 1 процент, што, според него, е во границите на нормалното. Но, ако се земат предвид целокупната слика и намалувањето на цените на сезонските производи, генерално се забележуваат пониски цени.

– Во изминатите месеци, маркетите беа под постојан инспекциски надзор и инспекторите буквално им дишеа во врат на трговците. Поради тоа, не дозволивме драстичен раст на цените на основните прехранбени производи. Ако се земе предвид намалувањето на цените на овошјето и зеленчукот, тогаш може да се очекува вкупно намалување на цените од околу 5 проценти. Тоа, сепак, не значи дека не се зголемени маржите. Со овие контроли сакаме да ги дисциплинираме трговците и да им покажеме дека постојано се следат и дека треба да им излезат во пресрет на граѓаните – смета Стојкоски.

Според него, Македонија е земја со слободна пазарна економија, што значи дека пазарот сам ги регулира цените.

– Нема ограничувања и трговците можат да ги зголемуваат цените колку што сакаат. Но, кога знаат дека инспекторите постојано ги следат, мора да се однесуваат фер кон потрошувачите – додава директорот на ДПИ.

Премиерот Христијан Мицкоски најави состанок со дистрибутерите, трговците и со маркетите, на кој ќе им порача дека завршува кризата и дека е време да им возвратат на граѓаните за досегашната трпеливост преку намалување на цените, особено на основните прехранбени производи.

– Мојата порака ќе биде јасна: кризата завршува, граѓаните беа толерантни, а сега е ред тие да им се оддолжат со намалување на цените. Тоа го очекувам од нив. Владата има механизми и доколку не се случи тоа, ќе реагира на поинаков начин. Не прифаќам оправдување и изговори од типот „не сме ги покачиле цените, па нема што да намалуваме“. Доколку нема реакција од маркетите, дистрибутерите и од производителите во следните денови, Владата ќе преземе мерки – рече Мицкоски.

Тој не прецизираше колкаво намалување очекува и кај кои производи, но нагласи дека мора да има корекција на цените.

– Не би можел да кажам колкаво ќе биде намалувањето и кај кои производи ќе биде најизразено, но сметам дека основните прехранбени производи треба да претрпат корекција. Граѓаните беа толерантни досега, а сега е време компаниите да возвратат. Ќе направиме споредба со цените во регионот и со цените кај нас. Ако треба, јавно ќе ги објавуваме маркетите по име и презиме, а потоа ќе оставиме граѓаните сами да оценат – истакна премиерот.

Од Државниот пазарен инспекторат и од Владата најавуваат дека во наредниот период ќе се направи дополнителна споредба со цените во регионот. Според досегашните анализи, цените на дел од основните производи во Македонија се пониски од оние во соседните земји.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ