Дружење на новинарите со поп-ѕвездата!
Мегапопуларната поп-пејачка Калиопи утре (среда) од 12.00 часот ќе се дружи со своите најверни обожаватели, а тоа се новинарите, како што самата често гордо истакнува. За тоа има повеќе причини. На средбата со естрадните новинари, таа најпрво ќе раскаже за големиот солистички концерт што ќе го одржи во арената „Борис Трајковски“, на 17 октомври. Подготвува големо музичко изненадување, добра забава и одлична атмосфера. Впрочем, како и секогаш. Со настапот во Скопје, распеаната Калиопи ја почнува својата мини турнеја во метрополите од поранешна Југославија, па така, по Скопје, ќе ги весели своите огнени обожаватели и во Загреб, Белград, Љубљана, Сплит, Подгорица…
Концертот во Скопје не е единственото нешто што ни го подарува Калиопи. Тука се и новата песна и новиот спот. Песната е со интересен наслов – „Бебе“, а во неа, низ текстот кој е авторско дело на Калиопи, се раскажува за „малото бебе кое јас мирисам, бидејќи мојот парфем е во душава, ко мало бебе се радувам, ме буди мајчиното млеко до срцето на чекор, мало бебе што сонува да биде главен лик во своја приказна, да јас сум бебе што се радува…“ Музиката ја напиша нејзиниот старо-нов соработник и нејзин поранешен сопруг, Ромео Грил. Зад визуелниот дел застана познатиот Александар Ристовски-Принц. Премиерата на овој видеоспот е, исто така, закажана во рамките на утрешното (30.09.) дружење на Калиопи со седмата сила, во одличната организација на “Прагма-продукција“ (Д. М.)












