
„Енвидија“, втората највредна компанија во светот, сега остана без извршен директор.
Џенсен Хуанг, извршниот директор на оваа американска фирма – и клучна фигура во глобалниот развој на вештачката интелигенција – поднесе оставка.
Овој потег уследи по извештаите дека 63-годишникот, кој е во брак, бил во романтична врска со деловна жена од Кина – лице кое во САД е идентификувано како шпионка за Пекинг.
Колет Крес, моменталната финансиска директорка на компанијата, ќе ја преземе функцијата привремен извршен директор, додека трае потрагата по долгорочен наследник, соопшти „Енвидија“ („Nvidia“) на 12 ноември, пренесува „Би-би-си“.
Харви Џонс, поранешен извршен директор на компанијата „Synopsys“, неодамна беше назначен за прв претседател на Управниот одбор на „Енвидија“.
Хуанг – коосновач на компанијата и нејзин четврти по големина поединечен акционер, со удел од 3,61% – повеќе нема да биде дел од Управниот одбор.
Акциите на компанијата, која е најпозната по производството на компјутерски чипови, паднаа за повеќе од 10 отсто по оваа објава. Управниот одбор на компанијата се состана на 12 ноември за да разговара за ситуацијата со Хуанг; извор за „Ројтерс“ наведе дека извршниот директор наводно претходно бил во врска со висока колешка која директно му одговарала нему.
За „Nvidia“, заминувањето на овој високо почитуван раководител – истакната фигура во технолошкиот свет – веројатно означува чекор во непознатото.
Преку инвестиции во технологии во облак (cloud), добавувачи и големи истражувачки центри, Хуанг активно го поттикнуваше развојот на екосистемот за вештачка интелигенција. Расположението на инвеститорите кон технолошките компании фокусирани на развој на вештачка интелигенција веќе беше нестабилно, поттикнато од растечкиот долг и сè почестите прашања за профитабилноста на инвестициите во овој сектор.
Заминувањето на Хуанг би можело дополнително да ја дестабилизира позицијата на овие компании. Понатаму, тоа може да има подлабоки импликации врз американската извозна политика во однос на компјутерските чипови, бидејќи поранешниот шеф на „Енвидија“ успеваше да одржи рамнотежа помеѓу задржувањето на пристапот до кинескиот пазар и негувањето блиски односи со Доналд Трамп.
Американскиот претседател го пофали, велејќи дека „направил неверојатна работа за нашата земја“, и тврдеше дека Хуанг му кажал оти не знаел дека жената со која бил во врска е кинески шпион.
Иако „Енвидија“ долго време беше најпозната меѓу љубителите на видеоигри, способноста на нејзините чипови да вршат бројни истовремени пресметки ги направи неопходни во ерата на развојот на вештачката интелигенција.
Во технолошката трка помеѓу Соединетите Држави и Кина, „Ендвидија“ стана стратешки клучна компанија. Во еден момент, тоа ја направи највредната компанија во светот, а Хуанг стана ѕвезда, па дури и луѓе на улица му приоѓаа барајќи автограми.
Сепак, проблемите започнаа пред неколку дена, кога на виделина излезе неговата поврзаност со Алис Хуанг – поранешна извршна директорка во сингапурската фирма „Мегаспид“ („Megaspid“), која американските власти ја сметаат за испостава на кинеските разузнавачки служби.
Таа фирма беше партнер на „Nvidia“ и е специјализирана за технологии во облак (cloud technologies).
Пекинг негира дека Алис Хуанг е нивен шпион.
Во ноември, „Енвидија“ спроведе истрага за тоа дали Џенсен Хуанг бил цел на кинеските разузнавачки служби, но тогаш изразија уверување дека тој е невин.
Во мај оваа година, американската компанија достигна рекордна вредност од над 5,7 трилиони долари.
Денес, таа бројка изнесува нешто помалку од 3,9 трилиони долари.
Хуанг, кој е со тајванско потекло, беше еден од основачите на „Енвидија“ во 1993 година и оттогаш ја извршува функцијата главен извршен директор (CEO).











