понеделник, октомври 5, 2026
Дома СВЕТ Израелски медиуми: Копилотот на „Флајдубаи“ планирал да се забие во цел на...

Израелски медиуми: Копилотот на „Флајдубаи“ планирал да се забие во цел на аеродромот „Бен Гурион“

1
EPA/ABIR SULTAN

Копилотот на „Флајдубаи“, осомничен за обид да предизвика пад на авион на летот од Дубаи до Тел Авив, наводно планирал да удри во зграда или во друго летало на аеродромот „Бен Гурион“. Според извештаите на израелските медиуми, Хамам ал-Хамами им го открил овој план на истражителите во Обединетите Арапски Емирати, каде што бил приведен по нападот врз капетанот. Според овие извештаи, Ал-Хамами имал намера да го онеспособи капетанот и да го продолжи летот како ништо да не се случило. Планот бил да ги добие сите потребни дозволи за слетување, а потоа да удри во цел во рамките на аеродромот. На тој начин, тој би ги криел своите намери до последниот момент и би ја свел на минимум можноста некој да крене тревога, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Инцидентот се случи на 30 септември на летот FZ1073. Леталото било пренасочено кон Табук, Саудиска Арабија, каде што безбедно слетало, потврдија од „Флајдубаи“.

Според израелските медиуми, Ал-Хамами во последните месеци повеќе пати го посетил „Бен Гурион“ како член на екипажот на „Флајдубаи“. Тој наводно им кажал на истражителите дека собирал информации и се подготвувал за нападот за време на посетата во јуни.

„Канал 12“ известува дека израелските истражители не го испрашувале лично Ал-Хамами, туку добиле информации од истрагите спроведени во Саудиска Арабија и Емиратите. Според истиот медиум, Израел побарал испрашувањето да се прошири и на кабинскиот екипаж.

Според објавените извештаи, Ал-Хамами чекал авионот да прелета над Јордан пред да се обиде да ја преземе контролата. Неговиот план бил осуетен од капетанот Смит Мачхар, кој и покрај повредите, успеал да ја отвори вратата од пилотската кабина и да им овозможи на патниците да влезат. Италијанскиот весник Corriere della Sera објави реконструкција на настаните според која, околу 9:15 часот наутро, копилотот побарал дозвола да се помоли, а потоа го нападнал капетанот со секира за итни случаи.

Неколку минути подоцна, патничка по име Тали Манес – која ја придружувала својата петгодишна ќерка до тоалетот – слушнала расправија што доаѓала од пилотската кабина. Таа го предупредила пилотот кој патувал во бизнис-класата. Тој се обидел да ја отвори вратата однадвор, додека капетанот успеал да ја отклучи одвнатре. „Го убива пилотот“, извикала Манес кога се отворила вратата, според пишувањата на италијанскиот весник.

Corriere известува дека потоа Ал-Хамами почнал нагло да го спушта авионот во обид да го урне во пустината, истовремено обидувајќи се да ги оштети командите и да ги спречи другите да го стабилизираат леталото. Неколку израелски патници влегле во пилотската кабина и го совладале копилотот. Според овие извештаи, еден патник помогнал да се стабилизира авионот пред двајца пилоти кои не биле на должност да ги преземат командите. Саудиската контрола на летање ги насочила кон Табук, каде што извршиле принудно слетување.

Во авионот имало околу 180 патници – главно Израелци – како и екипажот. Патниците биле вратени во Израел со специјален лет подоцна истиот ден. Капетанот и копилотот биле префрлени во Обединетите Арапски Емирати: Мачар на медицински третман, а Ал-Хамами на испрашување. Повикувајќи се на висок функционер од Емиратите, порталот *Ynet* објави дека на копилотот може да му се заканува смртна казна и оти властите бараат најстрога можна казна.

ИЗДВОЕНИ