сабота, јули 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ИЗЈАВИТЕ НА ПРЕМИЕРОТ ЈА КРЕНАА ПОЛИТИЧКАТА ТЕМПЕРАТУРА ВО ЗЕМЈАВА: Парламентарните избори напролет,...

ИЗЈАВИТЕ НА ПРЕМИЕРОТ ЈА КРЕНАА ПОЛИТИЧКАТА ТЕМПЕРАТУРА ВО ЗЕМЈАВА: Парламентарните избори напролет, но која година?

Откако најави дека „набрзо ќе има избори“, првиот човек на македонската Влада вчера беше категоричен само во ставот дека нема да има предвремено гласање годинава, додека опциите за една од наредените две години останаа отворени. – Јас би сакал да има редовни избори, кои ќе се случат наскоро, пролетта 2028 година. А дали 2027 година е опција, знаете дека ВМРО-ДПМНЕ е секогаш подготвена да оди на изборите и да победи – рече Мицкоски. Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека ваквите најави на Мицкоски водат кон заклучокот дека во претстојната 2027 година може да се очекува распишување предвремени избори. “

3888

Годинава сигурно нема да ги има, во 2027 година можеби, а во редовниот термин 2028 година – сигурно. Ваква е состојбата со можните термини за одржувањето на претстојните парламентарни избори, тема што стана актуелна откако македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека „набрзо ќе има избори“. Дилемата околу тоа што подразбира под зборот „набрзо“, Мицкоски не ја разјасни ниту денеска, одговарајќи на новинарско прашање околу тоа кога, според него, ќе се случат изборите.

– Има некоја од партиите што се исплашија од таа изјава за изборите. Јас следам. Но, вие го знаете мојот став. Мојот став е дека оваа година избори нема. Оваа година е реформска година и година на консолидирање. Јас би сакал да има редовни избори, кои ќе се случат наскоро, пролетта 2028 година. А дали 2027 година е опција, знаете дека ВМРО-ДПМНЕ е секогаш подготвена да оди на изборите и да победи – рече Мицкоски.

Тој додаде дека во фокусот на Владата се реформите.

– Она што го правиме сега и што го има нашиот фокус е да испорачаме реформи и да ја заголемиме економската активност, со што ќе го зголемиме стандардот на граѓаните – потенцира Мицкоски.

На прашањето која била целта на изјавата за предвремени парламентарни избори, тој посочи дека „едноставно такви се законите“ и „мора на секои четири години да има редовни избори“.

Убедување на јавноста

Премиерот, и покрај желбата да се одржат парламентарните избори во 2028 година, не ја исклучи можноста на државата да ѝ се случи предвремено гласање напролет в година. Токму пролетта 2027 година од завчера почна да се споменува како можен период за избор на новиот состав на македонското Собрание откако премиерот најави дека може да се случи тоа набрзо. Со тоа се отвораат дилемите, почнувајќи од тоа дали ѝ се потребни предвремени избори на земјава, преку тоа кому најмногу (не) му одговараат, па сè до прашањето што би добиле граѓаните со трошењето нови десетина милиони евра за организирање на гласањето. Според опозицијата, некои од потезите што ги повлече премиерот Мицкоски досега укажуваат дека се прави амбиент за предвремено одмерување на силите. Тоа, главно, се однесува на неодамнешното експресно носење на законските промени со кои се укина пржинската влада, извршувањето внатрепартиска и владина реконструкција, најавите дека ќе се донесат голем дел од очекуваните реформски закони, па сè до сè уште убедливото водство на владејачката партија во анкетите меѓу граѓаните.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека најавите на Мицкоски водат кон заклучокот дека може да се очекува распишување предвремени избори.

– Не треба да се отфрли најавата за изборите. Притисокот за изборите е секогаш прашање на опортунитет и на рејтинг. Рејтингот сега е во полза на ВМРО-ДПМНЕ и мислам дека би ѝ одговарало на партијата да има предвремени парламентарни избори во 2027 година. Најголемиот предизвик е контекстот на распишување на изборите, односно арументацијата зошто се потребни тие. Борбата е електоратот да не го доживее распишувањето на изборите како еден политички маневар, туку распишувањето да изгледа оправдано. А тоа се прави преку создавање одреден проблем, кој треба да се реши со предвремените избори. Во наши услови, лесно се создава таков проблем и контекст. Оттаму, мислам дека е реално да се очекува распишување на изборите во 2027 година  – наведува Арсовски во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека во сегашнава ситуација предвремените избори најмногу би ѝ одговарале на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, но и на „Вреди“.

– Мислам дека на СДСМ и на ДУИ не им одговара предвремено гласање, бидејќи тие ќе се борат со перцепцијата кај граѓаните дека им се потребни реформи и реконсолидирање на овие партии и дека сè уште не е завршен тој процес кај нив. А што се однесува до бенефитот кај граѓаните, тој би можел да се лоцира во тоа што ВМРО-ДПМНЕ би добила нов четиригодишен мандат, на чиј почеток веднаш би можело да се разгледува прашањето за уставните промени – објаснува аналитичарот Арсовски.

Партиите заземаат позиции

Ваквите најави од првиот човек на Владата денеска предизвикаа бројни партиски и други реакции. Лидерот на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, во телевизиско интервју рече дека не е разговарано за ова прашање внатре во коалицијата.

– Не е разговарано на оваа тема, но, сепак, тоа е до мнозинството во Собранието, а мнозинството го држи ВМРО-ДПМНЕ. Тие имаат 58 пратеници и во секој момент може да повикаат на предвремени избори. Ако има, ЗНАМ ќе учествува, бидејќи, како нов политички субјект што поминува низ една фаза на политичко зреење, ни одговара да има избори за во континуитет да се проверуваме какви сме и до каде сме во очите на граѓаните – нагласи Димитриевски.

И лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче, соопшти дека се подготвени да учествуваат на предвремени избори и дека ќе победат. Од најголемата опозициска партија, СДСМ, соопштија дека „Мицкоски брза на избори од страв дека истрагите по падот на Виктор Орбан ќе стигнат до него“.

– Најавените истраги во Унгарија за сомнителни тендери, енергетски бизниси и медиумски мрежи наскоро ќе го опфатат и раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Кога ќе снема пари за тендери и за полнење џебови, криминалната организација ВМРО ќе почне со подготовки за избори – изјави вчера генералниот секретар Александар Димитријевиќ.

Став дека ќе учествуваат на ваквите избори објавија и од ДУИ.

– Со широки гради ги очекуваме парламентарните избори, добредојдени се кога и да се распишат, а ние сметаме дека треба што поскоро. Партијата е прикрај со реконструирањето и консолидацијата и подготвени сме за избори – наведоа интегративците.

И крилото на Алијанса за Албанците предводено од Арбен Таравари ја охрабрува власта да распише предвремени парламентарни избори за да се деблокира евроинтегративниот процес.

Во редовите на владината коалиција, пак, нема исто мислење. Од „Вреди“ објавија дека не се потребни избори, туку испорачување резултати.

– Главниот фокус треба да биде испорака на политики што ќе го подобрат животниот стандард на граѓаните – наведоа од коалицијата.

Комбинаторики и околу владината реконструкција

Од друга страна, комбинаториките околу терминот за нови избори македонскиот премиер, извесно, ќе мора да ги прави и врзано со реконструкцијата на владиниот кабинет. Актуелниот министерот за социјална политика, Фатмир Лимани, вчера изјави дека не е против предвремени избори. На прашањето дали ќе настапи со оваа коалиција на следните избори, тој кратко одговори: „Одамна заврши времето на јас и ‘Вреди’“. Со тоа, очигледно, премиерот, кој досега имаше само суперлативи за работата на Лимани, ќе треба да бара решение за неговиот статус. Неодамна Мицкоски најави и нова позиција за вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, кој со недели веќе не доаѓа на своето работно место во Владата. Врзано за најавената владина реконструкција и споменувањето на името на министерот за правда, Игор Филков, лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, прексиноќа рече дека прво сака да ги сослуша аргументите на премиерот, па ќе одлучи.

– И сега се поставува друго прашање дали принципиелноста на министерот Филков, кој го третира ова Министерство не како инструмент, туку како клучен фактор на стабилноста и кој работи исклучиво согласно со Уставот и законот, ја доведува на дневен ред темата за неговото отсуство од Владата. Можеби, некој што би дошол на таа позиција би гледал на сите овие отворени теми како што е примената на јазиците и други, на друг начин – укажа Димитриевски, додавајќи дека досега имало притисок од „Вреди“ околу ресорот Правда. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ