Системот за ладење во седиштето на Европската комисија (ЕК) во зградата Берлејмонт во Брисел беше привремено исклучен денес поради екстремниот топлотен бран што ја погоди Белгија и поголемиот дел од Европа, пишува бриселски „Политико“, повикувајќи се на извори.
Вработените во зградата добија итно СМС известување напладне во кое се наведува дека поради „екстремни временски услови“ системот за ладење на катовите од прв до седми ќе биде привремено исклучен до крајот на денот.
Порано оваа недела, Европската комисија издаде препораки до вработените кои вклучуваат избегнување излегување во најжешкиот дел од денот, редовно пиење течности и порано започнување со работа.
Сепак, некои вработени, според интерните пораки што ги виде бриселскиот портал, ги критикуваа овие мерки, наведувајќи дека многу згради во рамките на Европската комисија немаат климатизација, вклучително и некои оддели како што е Генералниот директорат за земјоделство (DG AGRI).
Ова е како феудализам, рече функционер на Европската комисија што работи на долниот кат од зградата Берлејмонт, забележувајќи дека канцелариите на горните катови имале климатизација што продолжувала да работи.
Друг вработен ја опиша ситуацијата како „срамна“, додека трет вработен на осмиот кат рече дека, и покрај климатизацијата, температурата во собите сè уште била околу 26 степени Целзиусови.
Проблемите со високите температури го погодија и Европскиот парламент, каде што имаше прекин на електричната енергија поради зголемена потрошувачка предизвикана од системите за ладење.
Зградата Берлејмонт е висока 13 ката и е дом на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, 26 европски комесари и околу 3.000 вработени.
Фон дер Лајен има канцеларија на 13-тиот кат, додека повеќето комесари ги имаат своите канцеларии на осмиот кат и погоре.
Европа, вклучително и Белгија, со денови е погодена од рекордни температури како дел од топлотен бран.












