четврток, јуни 25, 2026
Дома СВЕТ Иран негира дека ги нападнал Емиратите, Револуционерната гарда ги предупредува бродовите во...

Иран негира дека ги нападнал Емиратите, Револуционерната гарда ги предупредува бродовите во Заливот да не го слушаат Трамп

309
EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

Ситуацијата на Блискиот Исток ескалира дополнително, бидејќи тензиите околу Ормускиот теснец влегуваат во нова, опасна фаза. Реториката на големите сили станува сè поостра, а секој следен потег носи ризик од директен конфликт со непредвидливи последици за регионот и глобалната безбедност.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, упати отворено предупредување до Иран, велејќи дека неговите сили ќе бидат „избришани од лицето на земјата“ ако се обидат да нападнат американски бродови кои обезбедуваат пловидна низ Ормускиот теснец како дел од операцијата „Проект слобода“. Во исто време, воените движења на теренот укажуваат на подготовки за можна понатамошна ескалација.

Германската морнарица веќе го пренасочи логистичкиот брод „Мозел“ од Егејското кон Средоземното Море, што се толкува како дел од подготовките за потенцијално распоредување во зоната на Ормускиот теснец. Овие потези дополнително потврдуваат дека регионот е на работ на ескалација, каде што дури и најмала искра би можела да предизвика поширок конфликт.

Американскиот државен секретар Марко Рубио на прес-конференција ја истакна тешката положба на илјадници морнари од различни земји кои се заглавени таму. Операцијата на Вашингтон „Проект слобода“, која првично беше претставена како план за безбедно поминување на бродовите низ теснецот, Рубио сега ја опишува како операција за спасување.

– Целта е да се спасат речиси 23.000 цивили од 87 различни земји кои се заглавени во Заливот и кои се напуштени од иранскиот режим – рече Рубио, додавајќи дека „овие невини морнари се заглавени на море“, нагласувајќи дека ситуацијата е „не само криминална, туку и очајна и деструктивна“.

Воената команда на Иран, Хатам Ал Анбија, соопшти дека во последните денови не извршила никакви напади врз Обединетите Арапски Емирати, но предупреди на „жесток одговор“ доколку земјата од Персискиот Залив преземе какви било мерки против Иран.

Емиратите претходно објавија дека се цел на ракетни и беспилотни напади од Иран втор ден по ред по четири недели релативен мир откако САД прогласија прекин на огнот.

По серија пораки од САД за ситуацијата во Ормутскиот теснец, се огласи и Иран.

Морнарицата на Исламската револуционерна гарда (ИРГК) ги предупреди бродовите во клучниот воден пат да не отстапуваат од рутите утврдени од Техеран или ќе се соочат со напади.

Ирак нуди да посредува во разговорите меѓу САД и Иран

Новиот ирачки премиер понуди да посредува меѓу Иран и САД во услови на зголемени тензии меѓу двете земји.

Али ал-Заиди, кој беше назначен за мандатор на Ирак на 27 април, ја даде понудата за време на телефонскиот разговор во вторник со иранскиот претседател Масуд Пазешкијан.

ИЗДВОЕНИ