Името на лицето осомничено за поставување на бомбата во Монако, во која милионерот Вадим Јермолаев и уште две лица беа тешко повредени, е официјално познато.
Откако француските медиуми објавија дека истражителите на снимки од безбедносните камери го пронашле лицето за кое се верува дека е одговорно за експлозијата, Интерпол издаде црвена потерница.
Осомничената е идентификувана како 39-годишната Анастасија Березовска. Според француските обвинители, таа е Украинка која живеела во Германија и по експлозијата избегала преку Франција во Италија.
Жената има кафеава коса и препознатлива тетоважа со змија на десната рака. Во времето на инцидентот, таа носела панталони, елек и темна шапка.
Медиумите објавија дека Березовскаја ја посетувала куќата на Вадим Јермолаев неколку дена пред нападот.
За потсетување, истражителите претходно објавија дека непознато лице оставило пакет во лобито на станбената зграда, непосредно пред украинскиот милионер и уште две лица да влезат во зградата. Иако првичните информации укажуваа дека милионерот бил придружуван од неговата сопруга и син, подоцна се покажа дека жената, која беше тешко повредена во нападот, била негова љубовница.
Истражителите објавија дека бомбата била полна со завртки и метални топчиња за да предизвика максимална штета и дека била активирана со далечински управувач. Тие исто така се сомневаат дека Березовска не била единствената вклучена во овој напад.
Иако властите официјално не ги потврдија идентитетите на жртвите, неколку извори посочија дека целта на нападот бил 58-годишниот Вадим Јермолаев и неговото семејство.
Украинските медиуми, повикувајќи се на извори од украинската полиција, укажуваат дека нападот може да биде поврзан со мрежа од лажни кол-центри во Дњепарк, кои се користат за извршување големи финансиски измами во Европа. Семејството Јермолаев наводно одиграло значајна улога во операцијата, за која се верува дека извлекле повеќе од 100 милиони евра од илјадници граѓани.
Во исто време, француските медиуми сугерираат дека истрагата ја испитува можната вмешаност на украинската служба за безбедност во атентатот. Имено, украинскиот претседател Володимир Зеленски во 2023 година воведе санкции против Јермолаев, со кои му беше забрането да врши финансиски активности во Украина во период од десет години и му беа замрзнати финансиските средства.












