Државниот пазарен инспекторат најави вонредни инспекциски надзори кај трговците на целата територија на државата, по повод продажните акции и попустите во рамките на кампањата “Блек фрајдеј“.
Контролите ќе бидат насочени кон проверка на законитоста при спроведувањето на продажните акции, начинот на огласување на попустите, означувањето на цените и информирањето на потрошувачите за условите под кои се нудат производите. Акцентот ќе биде ставен на апаратите за домаќинство, белата техника, електронските уреди, мобилните телефони, компјутерската опрема, облеката, обувките, мебелот и другите производи што се нудат во овој период, по намалени цени.
Од Инспекторатот посочуваат дека целта е да се обезбеди доследна примена на законските одредби, да се спречат нечесни трговски практики и да се заштитат правата и економските интереси на потрошувачите. Особено внимание ќе им се посвети на лажното прикажување попусти, неоснованото зголемување на цените пред нивното намалување, неточното и доведувачко рекламирање, како и на другите неправилности поврзани со продажните услови.
Инспекторатот апелира до трговците да ги почитуваат законските обврски и да обезбедат јасно, точно и транспарентно прикажување на цените и на попустите, без доведување на потрошувачите во заблуда. Продажните акции, нагласуваат оттаму, треба да се спроведуваат на фер и транспарентен начин, со јасни информации за производите и за реалното ценовно намалување.
При утврдување неправилности, ќе бидат преземени соодветни инспекциски и законски мерки во рамките на надлежностите на Инспекторатот. Воедно, се повикуваат граѓаните внимателно да ги следат означените цени и условите за попуст, а доколку забележат неправилности или повреда на потрошувачките права, да ги пријават на бесплатниот телефонски број 191 или преку официјалната веб-страница www.dpi.gov.mk.












