Полицијата во индискиот главен град Њу Делхи денеска го приведе Абхиџит Дипке – основач на младинското движење „Лебарка“ (CJP) – пред протестот организиран од групата со барање за оставка на главниот изборен комесар на земјата, Ѓанеш Кумар; организацијата ја потврди веста за приведувањето.
Телевизиските канали претходно објавија дека полициски службеници го пречекале Дипке на аеродромот во Делхи по неговото пристигнување од финансискиот центар Мумбај и побарале од него да го откаже протестот бидејќи властите го забраниле, пренесува „Ројтерс“.
Лидерите на CJP, Саурав Дас и Ашутош Ранка, исто така беа приведени веднаш по слетувањето, се наведува во соопштението на организацијата.
Централните делови на Њу Делхи денеска беа блокирани, со распоредени илјадници полицајци и припадници на паравоени единици; станиците на метрото беа затворени, услугите за мобилен интернет беа прекинати, а пазарите затворени со цел да се спречат протестите.
Опозициските партии долго време тврдат дека владата се обидува да манипулира со избирачките списоци во своја полза, а овие обвинувања повторно излегоа на виделина по овој извештај. Организаторите го најавија денешниот собир како протест за „Спасување на демократијата“, откако замениците на Кумар ја доведоа во прашање неговата работа и изразија несогласување со процесот на ревизија на избирачките списоци, при што беа отстранети околу 130 милиони гласачи.
Кумар не даде коментар, додека Изборната комисија и БЈП (BJP) – владејачката партија на индискиот премиер Нарендра Моди – ги отфрлија овие обвинувања, пренесе „Танјуг“.











