понеделник, јуни 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ИJЗ СО ПРЕПОРАКИ: Избегнувајте сонце, внесувајте повеќе течности!

ИJЗ СО ПРЕПОРАКИ: Избегнувајте сонце, внесувајте повеќе течности!

15

Поради високите температури што ја зафатија земјава, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) упати препораки до граѓаните за заштита од негативните последици на топлотниот бран и намалување на ризикот од топлотен удар и други здравствени компликации. Од Институтот препорачуваат да се избегнува престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, кога сончевото зрачење е најинтензивно. Доколку излегувањето е неопходно, граѓаните треба почесто да престојуваат под сенка и да избегнуваат директна изложеност на сонце.

ИЈЗ советува да се носи лесна и светла облека, како и капа и очила за сонце, а поголемиот дел од денот да се поминува во разладени или климатизирани простории. Дополнително, се препорачува прозорците и ролетните да бидат затворени во текот на денот, а просториите да се проветруваат во вечерните часови кога температурите се пониски.

Граѓаните треба редовно да внесуваат доволно течности, без да чекаат да почувствуваат жед. Најдобар избор е водата, а може да се консумираат и минерални безалкохолни пијалаци. Истовремено, се советува да се избегнуваат алкохолни пијалаци, напивки со кофеин и премногу ладни пијалаци. Во однос на исхраната, препораката е да се консумира полесна храна и да се избегнуваат масни, висококалорични и премногу засладени оброци.

Од Институтот потсетуваат дека никогаш не треба да се оставаат луѓе или домашни миленици во затворено паркирано возило, бидејќи температурата во него за многу кратко време може да достигне опасно високи вредности.

За разладување се препорачува туширање со млака вода, користење ладни облоги или потопување на стапалата во ладна вода. Посебен апел е упатен до лицата со хронични заболувања, особено оние со кардиоваскуларни, невролошки и белодробни болести. Од ИЈЗ апелираат тие редовно да ја земаат пропишаната терапија, строго да се придржуваат до препораките и при каква било промена на здравствената состојба да се консултираат со својот матичен лекар.

 

ИЗДВОЕНИ