Македонска православна црква – Охридска Архиепископија размислува да почне да образова стручни кадри – конзерватори и реставратори за да ги сочува загрозените цркви и манастири од пропаѓање. Идејата што била предложена и за која се размислува е создавање посебна катедра во рамките на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, на која би се образовале кадрите кои потоа би се грижеле околу заштитата на фрескоживописите и иконите кои се загрозени во рамките на бројни верски храмови. Во синодското соопштение објавено по седницата беше наведено дека била разгледана состојбата по македонските храмови и манастири и дека било оценето дека таа е – лоша.
– Разгледувајќи ја состојбата на духовното и културно богатство на македонските храмови и манастири, Синодот со жалење констатираше дека заради немање доволно стручни кадри кои би го конзервирале, тоа се наоѓа во лоша состојба. Светиот синод апелира до надлежните институции неодложно да преземат соодветни мерки со цел да го зачуваме она што ни е оставено од нашите претходници – беше, покрај другото, нагласено во соопштението.
Според сознанијата, целта на ваквото соопштение била да се поттикнат надлежните државни органи какви што се државните Управа за заштита на културното наследство, Национален конзерваторски центар, општински заводи и музеи… повеќе да се ангажираат околу заштитата на уметничкото богатство кое постои по нашите цркви и манастири. Владика, кој сакаше да остане анонимен, за ВЕЧЕР изјави дека тие се свесни дека постојат бројни проблеми околу заштитата на тоа богатство, но дека треба да се направи нешто за да не го загубиме поради негрижа.
–Факт е дека во земјава веќе нема многу стручни кадри какви што се конзерватори и реставратори, дека нема доволно средства за заштита, но нешто треба да се стори. Се соочуваме со ситуација, како што кажа еден од архиереите, дека таму каде што постојат потребите за поправки, надлежните заводи и институции не ни дозволуваат „ни клин да заковаме, а од друга страна и тие не коват клинови“. Односно, немаат можности за повеќе заштитни активности. Значи, фреските и иконите стануваа сѐ повеќе загрозени, а не се вршат потребните интервенции – вели овој владика.
Една од идеите за која било најмногу разговарано е самата МПЦ-ОА да иницира образовање на такви кадри – реставратори и конзерватори. Замислата е да се отвори посебна катедра во рамките на ПБФ „Свети Климент Охридски“, на која би се организирала посебна наставна програма. Односно, покрај теолошките студии, заинтересираните студенти би можеле да се образоваат и за овие дејности. Било спомнато дека е потребно да се направат контакти со образовните власти за да се види на каков начин би можело да се конституира ваква катедра, а чии кадри би имале широко поле за работа во рамките на МПЦ-ОА.
Проблемот со недоволен број кадри кои работат како конзерватори и реставратори во нашата земја е стар со години и за него сѐ уште не се наоѓа решение. Ваквите кадри кои работат во рамките на Националниот конзерваторски центар се дефицитарни, а оваа институција, заедно со Управата за заштита на културното наследство, се грижи за заштитата на недвижното културно наследство на територијата на општините во државава. Ретките кадри кои се образоваат, најчесто завршуваат во странство, а во меѓувреме, голем дел од искусните кадри заминале во пензија. Посебно недостасуваат стручњаци кои вршат конзерваторски работи, реставрација на фрескоживописите, на иконите… Институциите, секоја година, во своите годишни извештаи алармираат за кадровските проблеми, но недостигот на ваквите стручњаци сѐ уште постои. Минатата година, од Министерството за култура, врзано со овој проблем, соопштија дека работат на функционална анализа за секоја институција за да, конечно, се согледаат реалните потреби и да имаат увид во тоа каков стручен кадар, каде и зошто недостасува.
Во меѓувреме, заштита на бројни цркви и манастири неретко трае со години. Така, на пример, заштитата на познатата црква „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново изградена во 1191 година трае веќе цели тринаесет години и сѐ уште не е завршена. Таа е позната најмногу по оригиналната фреска на ангелот на благовестието Гаврил, кој оттука е пресликан на македонските банкноти од 50 денари. Во заштитата, освен конзерватори од Македонија, се вклучуваа и експерти од странство. Постојат и повеќе други светилишта кои се загрозени и за чија заштита се покануваат стручњаци од странство бидејќи веќе нема доволно домашни експерти за заштита.
Во нацртот на Национална стратегија за заштита и користење на културното наследство за периодот 2026-2030 година, која е на јавна расправа, е наведено дека постои проблем со дефицитит на вакви кадри. Се наведува и тоа дека во надлежните установи за заштита на културното наследство, висок процент од вработените во националните установи извршуваат помошно-технички, но не и стручни работи. (Б.Ѓ.)
Сѐ уште не се категоризирани 1031 културно добро
Во предложената Нацрт-стратегија за заштита и користење на културното наследство за период од 2026 до 2030 година е наведено дека на територијата на Македонија заштитени се вкупно 1329 недвижни културни добра.
–Досега се ревалоризирани вкупно 258 недвижни добра, од кои 234 добра се од категоријата значајно културно наследство, 26 културни добра се од особено значење, од кои 20 се од големо значење, а од исклучително значење се само 6 недвижни културни добра. Сѐ уште некатегоризирани се 1031 добра, а бавната и неконтинуирана ревалоризација влијае и на реализацијата на заштитноконзерваторските активности. Причина за тоа е недоволниот стручен кадар во заводите пропорционално со големината и несоодветна територијална надлежност – пишува во предложениот документ.












