недела, јуни 21, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Храната во април поскапела за помалку од еден отсто, се очекува инфлацијата...

Храната во април поскапела за помалку од еден отсто, се очекува инфлацијата да падне под 4 проценти

67

Цените на храната во април 2026 година се зголемени за помалку од еден процент во споредба со март, покажуваат анализите на Владата изработени врз основа на податоците од Државниот пазарен инспекторат, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Според него, најголемо зголемување има кај транспортните услуги, што ќе влијае врз вкупната инфлација за април, чии официјални податоци се очекуваат деновиве.

– Најмногу се зголемени транспортните услуги и тие ќе влијаат во крајниот износ на инфлацијата за април – рече Мицкоски.

Тој посочи дека има раст на инфлацијата и во земјите од регионот и во еврозоната. Во Бугарија инфлацијата веќе надминала 6 проценти, во Хрватска се движи околу 6 проценти, а во Грција околу 5 проценти.

– Нема како да останеме имуни ние на ова. Минатата година во овој период ја имавме и велигденската кошница. Очекувам да се стабилизира состојбата во текот на месецов и веќе од следниот месец инфлацијата да биде под 4 проценти – изјави премиерот.

Тој додаде дека доколку се стабилизира состојбата во Иран и во регионот на Заливот, до крајот на годината инфлацијата би можела да се движи меѓу 2 и 3 проценти.

На прашањето дали Владата планира нови мерки, Мицкоски рече дека е ограничен просторот за интервенции, освен преку данокот на додадена вредност.

Според него, замрзнувањето на цените и на маржите се покажало како неефикасна мерка, бидејќи последиците се прелеваат во следните месеци.

Како пример за целни мерки ги наведе поддршката за вештачко ѓубриво и за течен природен гас.

– Според Меѓународниот монетарен фонд, нашата држава е меѓу првите три според мерките што ги применуваме преку ДДВ, во текот на кризата – истакна Мицкоски.

ИЗДВОЕНИ