четврток, ноември 26, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Храната и транспортот главни двигатели на поскапувањето

Храната и транспортот главни двигатели на поскапувањето

0

Трошоците за живот во Македонија продолжуваат да растат. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), годишната инфлација во октомври 2026 година достигнала 3,3 проценти, додека цените на мало се зголемиле за 3,2 проценти во споредба со тој месец минатата година.

На месечно ниво, трошоците за живот пораснале за 0,4 проценти, а цените на мало за 0,2 проценти. Најголем раст од 0,7 проценти е забележан кај храната и кај безалкохолните пијалаци, додека на годишно ниво оваа категорија поскапела за 2,1 процент.

Значителен годишен раст од 9,5 проценти има и кај транспортните трошоци. Во октомври поскапеле и алкохолните пијалаци и тутунот, облеката и обувките, како и услугите за рекреација, спорт и култура. Од друга страна, регистрирано е намалување кај опремата и одржувањето на домаќинствата, рестораните и услугите за сместување.

Годишната инфлација во септември изнесуваше 2,7 проценти. Во меѓувреме, Народната банка ја задржа основната каматна стапка на 4,25 проценти. Според проекциите на централната банка, се очекува просечната инфлација во 2026 година да изнесува 3,6 проценти, а во 2027 година да се намали на 3,4 проценти.

ИЗДВОЕНИ