Маж загина откако падна од тобоган во забавен парк во Џорџија. Полицијата соопшти дека еден маж загинал, а неколку други лица се повредени во инцидент со тобоганот „Голијат“ во забавниот парк „Сикс Флегс овер Џорџија“ во близина на Атланта.
Очевидци изјавиле за локалната телевизиска станица WXIA дека виделе како мажот паѓа од тобоганот, а еден посетител навел дека неговиот пад бил забележан на фотографија направена за време на возењето, пренесе CNN.
Останатите патници биле евакуирани од атракцијата, а обезбедувањето ги насочило посетителите подалеку од тобоганот, кој застанал на издигнат дел од шините.
Паркот потоа бил затворен, а слични атракции во другите паркови на „Сикс Флегс“ низ САД биле привремено исклучени од безбедносни причини.
Тобоганот „Голијат“ во Џорџија достигнува брзина од околу 113 километри на час и висина од приближно 61 метар, а возењето трае три минути и 30 секунди.
Несреќата се случила помалку од две недели откако паркот „Сикс Флегс меџик маунтин“ во Калифорнија го најавил трајното затворање на тобоганот „X2“, по истрагата на CNN за историјата на повреди и смртни случаи поврзани со таа атракција.
Истрагата открила повеќе од 10 пријави за сериозни повреди и хоспитализации, вклучително и најмалку два смртни случаи.
Компанијата „Сикс Флегс“ се спои со операторот на забавни паркови „Сидар фер“ во 2024 година, станувајќи најголемиот оператор на забавни паркови во САД.












