Почетокот на примената на ЕЕС-системот донесе застои и долги редици на европските аеродроми и гранични премини, при што патниците чекаат и по неколку часа за биометриска обработка. – Шалтерите се оптоварени, патниците стојат 2 до 3 часа, а има и пропуштени летови, наведуваат од туристичкиот сектор, опишувајќи ја првата недела од имплементацијата.

Од авиокомпаниите предупредуваат дека се зголемуваат оперативните трошоци и се бара поголема флексибилност од институциите. – На властите мора да им се дозволи суспендирање на ЕЕС кога доцнењата се прекумерни – порачаа од АЦИ Јуроп и A4E.

Во меѓувреме, превозниците апелираат патниците да пристигнуваат и до четири часа пред летот за да се избегнат дополнителни доцнења

 

Преоптоварени шалтери на аеродромите, патници кои на нозе чекаат 2 до 3 часа за да дојдат на ред, пропуштени летови и полупразни авиони. Ова е глобалната слика на аеродромите во земјите од Шенген-зоната од првата недела на целосната примена на системот ЕЕС. Но, не се само аеродромските власти на мака. Од авиокомпаниите се сè погласни дека се соочуваат со дополнителни трошоци за промена на резервациите, како и тоа дека мораат да им ги исплатат парите за билетите на патниците што бараат поврат на парите. Ваквата состојба ги одвраќа патниците да се одлучат за авионски превоз, што во сегашните кризни услови, е и дополнителен проблем.

Поради тоа, аеродромските организации АЦИ Јуроп и Ерлајнс фор Јуроп (A4E) и европските превозници бараат од Европската комисија да овозможи поголема флексибилност во примената на системот за влез-излез (ЕЕС) до крајот на летото. Бараат да им се дозволи на аеродромските власти целосно да го суспендираат системот кога доцнењата ќе станат прекумерни, со цел да им се овозможи на патниците да не ги пропуштаат летовите.

– Ќе продолжиме внимателно да ги следиме случувањата во наредните денови, но веќе е очигледно дека веднаш е потребна поголема флексибилност. На властите за гранична контрола мора да им се дозволи целосно да го суспендираат EEС кога времето на чекање ќе стане прекумерно. Ова е од суштинско значење не само во наредните недели туку и во текот на целиот шпиц на летната патна сезона – изјавија Оливие Јанковец, генерален директор на АЦИ Јуроп, и Уранија Георгуцаку, генерален директор на A4E во заедничка изјава.

Со цел да се намалат гужвите пред аеродромските шалтери, голем број од авиокомпаниите упатуваат повици до своите патници да пристигнат во аеродромските згради четири часа порано, наместо вообичаените 2-3 часа како досега, за да бидат сите скенирани пред летовите.

Од авиокомпаниите велат дека ја потврдуваат поддршката за целите на EEС, сепак сметаат дека подобрувањата во безбедноста на границите не смеат да ја поткопаат оперативната ефикасност или привлечноста на Европа како туристичка дестинација, особено во услови на пошироки нарушувања на воздушниот сообраќај. Како конкретен пример за последиците, на миланскиот аеродром од 156 патници за лет кон Манчестер, само 34 успеале да се качат, додека останатите го пропуштиле летот поради долгите редици. Некои патници морале да платат повеќе од 1.600 фунти за алтернативни летови и пристигнале дома со задоцнување од 24 часа.

Системот ЕЕС официјално стартуваше на 10 април во 29 Шенген-земји и се однесува на патници надвор од ЕУ кои престојуваат до 90 дена во рамки на 180 дена. Системот ги заменува рачните печати во пасошите со дигитална евиденција за влез и излез, и собира биометриски податоци како отпечатоци од прсти и фотографии на лице.

На грчка граница се чекаше до 6 часа

И на копнените граници на Шенген-зоната, во првиот бран од воспоставувањето на новиот систем има застои и задржување на граничните премини. Марија Велјановска од туристичката агенција „Ваикики“ за весникот ВЕЧЕР вели дека немаат авионски тури, но имале автобуски превози на групи кои за велигденските празници патувале за Италија и за Грција.

– На границата со Хрватска немаше задржувања, како што беше страшно кон Грција. На грчка граница чекавме и до 6 часа. Скенираа и патници кои и претходно биле скенирани. Мораше да се излегува од автобусот и секој да се фотографира и да му се земе отпечаток од прстите. Замислете еден автобус на кат кој собира 70 патници и за секој патник се потребни најмалку по две минути за да ја помине процедурата… Грците потоа го прекинаа скенирањето и нè пуштија со печат во пасошите – вели Марија.

Александар Чоневски, сопственик на туристичката Агенција „Игуана травел“, смета дека е подобро сега да се почне со имплементација на ЕЕС-системот за да може агенциите во пикот на летната сезона да бидат поспремни.

– Во овој момент, тоа предизвикува блага нервоза кај клиентите, но верувам дека со текот на времето ќе се навикнеме и дека протокот на патници ќе се одвива без проблеми и застои. Сметам дека е подобро сега да се почне со имплементација на ЕЕС-системот, за да бидеме повеќе подготвени во пикот на летната сезона – вели Александар Чоневски за весникот ВЕЧЕР.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ