Грција се подготвува за нов мигрантски притисок врз Крит, откако во текот на првите три дена од ноември на островот пристигнаа 1.700 луѓе од Либија, изјави министерот за миграција и азил, Танос Плеврис.
Тој ги обвини либиските власти за прекин на соработката, а зголемениот број на пристигнувања го поврза со меморандумот меѓу Турција и Либија. Исто така, најави дека следната недела треба да се отвори прифатен центар во Атанатио, пренесува весникот „Катимерини“.
Според извештајот на Европската комисија, во периодот од јули 2025 до јуни 2026 година, бројот на илегални преминувања на границата кон Грција е намален за 23 отсто, а бројот на барања за азил е опаднат за 19 отсто. Сепак, бројот на лица кои пристигнале на Крит е зголемен за 105 отсто – достигнувајќи околу 21.000 – додека преминувањата на копнената граница со Турција се зголемиле за 33 отсто.
Грција учествува со 25 отсто во вкупниот број на лица кои биле истоварени на копно по операциите за пребарување и спасување во рамките на ЕУ, додека уделот на Италија изнесува 42 отсто. Еден европски претставник истакна дека Атина се соочува со непропорционален притисок и дека ги исполнува условите за добивање помош од ЕУ во 2027 година.
Плеврис, исто така, наведе дека во текот на првите десет месеци од 2026 година, Грција вратила повеќе од 6.000 мигранти – бројка што е еднаква на вкупниот број на враќања извршени во текот на целата претходна година. Грција, Италија, Шпанија и Кипар имаат право на поддршка од Фондот за солидарност на ЕУ, што може да вклучува преместување на мигранти, финансиски придонеси или надомест за преземената одговорност.












