Повеќе од две недели по избувнувањето на кризата со загадената вода, Гостивар сè уште живее со рестрикции. Водата и натаму не е дозволена за пиење и за готвење, дел од повисоките населби се соочуваат и со слаб притисок, а институциите најавуваат дека во наредните денови ќе се знае дали ќе биде укината забраната. Во меѓувреме, се отвора и прашањето дали граѓаните ќе плаќаат сметки за вода што не смееле да ја користат, но и кој ќе понесе одговорност за кризата што ги остави граѓаните без безбедна вода. Дополнително, отежнителна околност за Гостивар е што се затворени операционите сали во градската болница поради неможност за стерилизација на опремата, информацијата што за весникот ВЕЧЕР ја потврди директорот на болницата
Повеќе од половина месец гостиварци живеат во услови на епидемија и состојба на забранета вода за пиење, и тоа при тропски горештини. По повикот на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, од позиција на претседател на Кризниот штаб, граѓаните да ја пуштат водата силно да тече од чешмите со цел, како што рече, цевките побрзо да се прочистат, се отвора прашањето дали треба да им се наплати на домаќинствата за деновите кога не само што не можат да ја користат водата туку и им предизвикува последици за здравјето.
Весникот ВЕЧЕР побара одговор од Општина Гостивар, под чија надлежност е и комуналното претпријатие. Ни беше кажано дека Советот на Општината работи на предлогот советниците да донесат одлука да не им се наплати на граѓаните загадената вода од градските чешми. Засега водата може да се користи како техничка, но не и за пиење и за готвење. Но, во некои од повисоките населби како Циглана и Фазимерија, и онаа техничка што ја има не може да стигне до домаќинствата поради слабиот притисок.
– Нека се јавуваат на телефоните од Кризниот штаб, ќе им биде донесена вода, можеби, малку доцнат цистерните, но доаѓаат. Во скоро време ќе биде подобрена водоводната мрежа во овие населби – велат од Општината за ВЕЧЕР.
Од Кризниот штаб објавија дека снабдувањето на населените места со вода се врши по следниот распоред: во село Дебреше, потоа кај пунктот „Бехтел-Енка“, каде што се носи цистерна од 14 тони, потоа ТЕЦ „Осломеј“ – цистерна од 9 тони, Населба Циглана, потоа во Општина Боговиње, каде што се дистрибуира цистерна од 4 тони, потоа село Беловиште и во Територијалната противпожарна единица во Гостивар, каде што се носат 2 тони вода.
„Флаширана вода ќе продолжи да се дистрибуира на сите досегашни пунктови, согласно со динамиката на пристигнување на водата обезбедена од Владата и од другите донации“, велат од КШ.
Жителите, многу веројатно, уште долго нема да им веруваат на градските чешми, кои сега се прочистуваат од нова бактерија настаната како последица на стоењето на водата и намалената употреба во претходниот период, кога не се користеше за ништо. Кризниот штаб најави дополнителна контрола и очекување дека во наредните денови ќе биде добра за пиење.
– Примероци од водата зедоа стручни лица од Институтот за јавно здравје, од Центарот за јавно здравје – Тетово, како и од секторот од „Водовод“ – Скопје, кој се грижи за квалитетот на водата. Три независни лаборатории зедоа примероци, кои ги испитуваат. Договоривме и да ја засилиме динамиката, ќе се земаат примероци на 12 часа, бидејќи очекуваме да се подобри состојбата во наредните денови – рече директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Од „Комуналец“ – Гостивар велат за нашата Редакција дека учествуваат во мерењето на хлорот во водата и го зголемуваат пуштањето на водата низ цевките од системот кога е потребно тоа заради прочистувањето.
Во меѓувреме, се намалува бројот на случаи со стомачни тегоби во градската болница. Директорот Емри Бајрами вели за весникот ВЕЧЕР дека сите новозаболени се со лесни симптоми, а едно дете е задржано на ден-два и наскоро ќе биде пуштено на домашно лекување. Тој ја потврди информацијата дека се затворени операционите сали во болницата поради неможност за стерилизација на медицинската опрема и на инструментите.
– Дека се затворени салите, ги информиравме и во Министерството за здравство, сите акутни случаи ги праќаме во Тетово – ни изјави д-р Бајрами.
СДСМ ја обвини власта за набавката на вода, Владата демантира
Опозицискиот СДСМ обвини дека додека траела кризата со загадената вода во Гостивар, Владата, преку Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), склучила договор вреден околу 100.000 евра за набавка на вода во шишиња, со постапка на директно договарање, без јавен оглас. Од партијата тврдат дека договорот бил склучен со компанијата „Кожувчанка“, оценувајќи дека станува збор за „бизнис-зделка без тендер“ и обвинувајќи дека власта профитирала во време кога се соочувале граѓаните со последиците од загадената вода.
Од Владата ги отфрлија обвинувањата како „невистинити и комплетно измислени дезинформации“. Потврдуваат дека СОЗР ја спровела постапката за набавка на вода во шишиња со преговарање поради кризата, но нагласуваат дека водата бесплатно се дистрибуира до граѓаните на Гостивар, сè додека не потврдат надлежните институции дека водата од градскиот водовод е безбедна за пиење. Владата наведува дека договорот го добила „Кожувчанка“, но тврди дека водата се набавува по цена од 12,5 денари за шише од 1,5 литри, иако малопродажната цена е најмалку 25 денари, бидејќи, како што велат, компанијата учествува со сопствен придонес за да им помогне на граѓаните и на институциите во услови на кризна состојба. Од Владата додаваат дека фактите се проверливи и дека обидите за нивно искривување нема да ја променат вистината. (П. А.)












