понеделник, јуни 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Горештините ги зголемија повиците кон Брзата помош, во Скопје, над пет колапси

Горештините ги зголемија повиците кон Брзата помош, во Скопје, над пет колапси

14

Високите температури значително го зголемија бројот на интервенции на Брзата помош во Скопје. Само во текот на утринските часови биле евидентирани повеќе од пет колапси на јавни места, најчесто кај повозрасни лица, информираше за МИА доктор Ана Џарева од Брза помош – Скопје.

Според неа, поради топлотниот бран е забележан зголемен број повици од граѓани кои барале медицинска помош, но и совети, при што меѓу нив имало и помлади лица.

– Најчесто пациентите се жалат на болки во градите, но има и случаи со вртоглавици и други симптоми поврзани со високите температури –  посочи доктор Џарева.

Таа информираше дека денеска на жена на возраст од околу 37 години ѝ се слошило додека се наоѓала во возило. Освен интервенциите поради здравствени проблеми предизвикани од жештините, екипите на Брзата помош интервенирале и при неколку сообраќајни несреќи, меѓу кои и случај во кој велосипедист бил повреден откако во него удрило возило.

Од Брзата помош повторно апелираат граѓаните да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, кога температурите се највисоки. Доколку е можно, обврските треба да се одложат, а при неопходно излегување да се носи лесна и светла облека, шапка и да се внесуваат доволно течности.

Лекарите препорачуваат исхраната да биде лесна, со повеќе овошје, зеленчук и свежи салати, а да се избегнуваат алкохолни и кофеински пијалаци, како и тешка и мрсна храна. Исто така, важно е редовно да се зема препишаната терапија и да не се излегува веднаш од климатизирани простории на високи температури, за организмот постепено да се приспособи на температурните разлики.

 

ИЗДВОЕНИ