петок, ноември 20, 2026
Дома СВЕТ Голем напредок во преговорите за Украина? Кушнер тврди дека Русија прифатила важен...

Голем напредок во преговорите за Украина? Кушнер тврди дека Русија прифатила важен принцип

0
EPA/SERGEY DOLZHENKO

Американскиот пратеник Џаред Кушнер во четвртокот во Берлин изјави дека САД би биле подготвени да ѝ понудат на Украина безбедносни гаранции по моделот на оние на НАТО, под услов тоа да биде во „интерес“ на САД, притоа напоменувајќи дека Русија го прифатила „принципот“ врз кој би се засновал таков аранжман.

„Од перспектива на Соединетите Држави, обезбедувањето безбедносни гаранции слични на оние наведени во Членот 5 од Северноатлантскиот договор е, навистина, многу, многу значајна одлука“, рече Кушнер на прес-конференција по средбата во Берлин со „Коалицијата на подготвени“ (Coalition of the Willing) за Украина, на која присуствуваше заедно со Стив Виткоф.

„Верувам дека претседателот Трамп е отворен за оваа идеја, иако се подразбира дека тоа мора да биде во интерес на Соединетите Држави“, додаде тој. Успеавме да постигнеме исклучително значаен напредок и верувам дека успеавме да ги убедиме Русите во принципот според кој сите безбедносни гаранции за Украина би се засновале на Членот 5“ – камен-темелникот на системот за колективна одбрана на НАТО – нагласи Кушнер.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека прашањето за членството на Украина во НАТО е „важно“ за европската безбедност, со оглед на силата и високото ниво на опременост на украинската војска.

„Мислам дека мораме повторно да го отвориме прашањето за членството на Украина во НАТО“, им рече Макрон на новинарите по самитот во Берлин на лидерите на европските земји кои ја поддржуваат Украина, собрани во таканаречената „Коалиција на подготвени“.

Макрон исто така изјави дека европските лидери собрани во Берлин имале телефонски разговор со Трамп.

„Имавме можност да разговараме со двајца од специјалните пратеници на претседателот Трамп, Кушнер и Виткоф, а и самиот претседател Трамп успеа да се вклучи во разговорот за време на овој самит“, им рече Макрон на новинарите.

Кушнер потврди дека Трамп се вклучил во телефонски разговор со лидерите собрани на состанокот на „Коалицијата на подготвени“.

Еден од учесниците на состанокот во Берлин изјави дека Трамп му се јавил на Џаред Кушнер од авионот „Ер форс уан“ за да се приклучи на разговорите. Според учесниците на состанокот во Берлин, Трамп се враќал од Кина – каде што одржал прва од ваков вид трилатерална средба со рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Шји Џинпинг – кога се јавил на мобилниот телефон на Кушнер.

Кушнер потоа го вклучил звучникот на својот мобилен телефон и ја зголемил јачината на звукот, за присутните да можат да го слушнат американскиот претседател.

Засега не е познато што рекол Трамп, ниту дали ги информирал лидерите собрани во Берлин за својата средба со Путин.

Американскиот посредник исто така истакна дека ставовите на Соединетите Американски Држави и на Европа во однос на Украина „се приближуваат“.

„Се подразбира дека сакаме да осигуриме сите наши активности да бидат дел од координиран пристап. Исто така, сакам да напоменам дека претседателот Трамп сака да постигне договор со Европа, во соработка со неа. Тој не сака ништо да наметнува еднострано“, изјави Кушнер на прес-конференција.

По средбата, германскиот канцелар најави претстојни разговори меѓу Европејците, Русите, Украинците и Американците.

Фридрих Мерц наведе дека разговорите „би можеле да се одржат, на пример, во Обединетите Арапски Емирати“, додавајќи: „Местото сè уште не е одредено. Се подразбира дека бараме неутрална локација каде што би можеле да се одржат разговорите“.

ИЗДВОЕНИ