среда, август 5, 2026
Дома БАЛКАН „Го ставив телото во куферот, но не ја убив“: Нови детали за...

„Го ставив телото во куферот, но не ја убив“: Нови детали за случајот што ја потресе Грција/ВИДЕО

1
EPA/ACHILLEAS CHIRAS

Грчките власти ја продолжуваат истрагата за убиството на 38-годишната шкотска хуманитарна работничка Елизабет-Џејн Рос, чие тело беше пронајдено минатиот месец во куфер оставен во напуштена зграда во Атина. Случајот го открил бездомник кој го пронашол фрлениот багаж.

По три дена испрашување, 26-годишниот Шариф Ахмадзаи, авганистански државјанин и професионален боксер во лесна категорија, е обвинет за убиството на Британката. Тој пристигнал во Грција пред десет години, за време на мигрантската криза, како дете на бегалци, објавува британскиот портал Гардијан.

Истражителите сега се обидуваат да ги реконструираат последните часови од животот на британската хуманитарка, верувајќи дека би можеле да помогнат во откривањето на мотивот за злосторството. Ахмадзаи негира дека ја убил Рос, но признал дека го ставил нејзиното тело во куферот.

– Тој призна дека го донел нејзиното тело на местото каде што е пронајдено. Полицијата има снимки од надзорните камери на кои се гледа како го прави тоа ноќта на 16 јули. Тој, исто така, признал дека подигнал 10.000 евра од банкомат користејќи кредитни картички што ѝ припаѓале на жртвата. Тој го негираше убиството, во што полицијата не верува, изјави Јоргос Калиакманис, претседател на Атинската полициска асоцијација.

Ахмаџаи им тврдел на истражителите дека го пронашол телото на Рос во стан во атинската населба Егзархија, во кој помагал да се управува. Тој бил во брак со американската државјанка Алаина Хол од 2023 година и имал клучеви од просторот каде што се состанувала групата за помош на бегалци „Сакајте ги сите нации“.

Полицијата утврди дека Рос, која била пријателка на сопругата на осомничениот, се преселила во станот на 10 јули. Двајцата делеле слично волонтерско искуство и религиозни верувања, а истражителите велат дека Хол одиграла важна улога во решавањето на случајот.

Хол се посомневала поради промените во однесувањето на нејзиниот сопруг и парите што одеднаш ги имал, кои, според полицијата, дошле од подигање готовина од картичките на жртвата. Таа контактирала со полицијата, ги предала парите што ѝ ги дал нејзиниот сопруг, а потоа се преселила во хотел.

Последниот повик од телефонот на Елизабет-Џејн Рос бил снимен ноќта на 15 јули, три дена пред нејзиното тело да биде пронајдено во атинската населба Кипсели, на околу три километри од станот.

Фото: Facebook

Истражителите откриле и дека нејзиниот мобилен телефон бил користен до минатата недела, кога официјално бил потврден идентитетот на жртвата.

Полицијата соопшти дека до членовите на нејзиното семејство биле испратени пораки кои биле опишани како „намерно залажувачки“, со цел да се одложи пријавувањето за нејзиното исчезнување. Во една од пораките наводно пишувало дека ѝ треба време да биде сама.

Грчките истражители моментално разгледуваат две можни верзии за настаните.

– Веруваме дека имало конфликт, но дали бил предизвикан од откритието на жртвата дека обвинетиот ги пребарувал нејзините работи и ги крадел нејзините кредитни картички, или станува збор за сексуален напад, или таа ги одбила неговите додворувања? – изјавил изворот за Гардијан.

Форензичките експерти веруваат дека Рос најверојатно била задушена, бидејќи на нејзиното тело не се пронајдени видливи повреди. Сепак, обдукцијата не можеше дефинитивно да ја утврди причината за смртта поради напредното распаѓање на телото.

Резултатите од токсиколошките тестови и дополнителните испитувања треба да дадат повеќе информации за околностите на нејзината смрт и да им помогнат на истражителите да го завршат случајот.

Две морничави злосторства, речиси исто сценарио: Туристки убиени во Грција и Србија пронајдени во куфери – осомничени се странци

ИЗДВОЕНИ