Драмски театар Скопје со претставата „Гидионовиот јазол“ вечер ќе гостува на Бриони во Хрватска каде што театарот „Улисис“ е домаќин на фестивалот на Регионалната унија на театри (РУТА). Претставата ќе биде изведена во Летното кино со почеток во 21 часот.

„Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски-Попова е претстава работена по текст на авторката Џона Адамс. Драматург на претставата е Викторија Рангелова-Петровска, а улогите ги играат актерките Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Ања Митиќ.

Гостувањето на Бриони ќе биде дваесетта изведба на претставата, која досега гостувала на неколку фестивали во Македонија, како и во регионот на сцените на театрите членки на РУТА. На минатогодишниот 33. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата на Корин Фел ја доби наградата за високо актерско достигнување.

-Режисерка Драгана Милошевски-Попова во програмската белешка истакнува дека: „Претставата ‘Гидионовиот јазол’ е моќна и вознемирувачка приказна за вината, одговорноста, тагата и сложениот однос во комуникацијата, како и состојбите во образовниот систем, проблемите со кои се соочува детето низ периодот на детството. На училишна средба меѓу мајката Корин и наставничката Хедер, кој се случува по еден трагичен настан, преку деликатен, емотивно исполнет/напнат дијалог, се отвораат прашањата за детската креативност, слободата на изразување, за уметноста, за одговорноста на наставниците и за родителите, за социјалните мрежи, за врсничкото насилство, за осаменоста, преку кои постепено се разоткрива длабоката болка и се бара, па и се посочува можниот виновник“, информира Драмски театар Скопје.

Авторката на текстот, Џона Адамс, е претставничка на новата генерација американски драмски автори. Таа е авторка на 20 драмски текстови во кои, наведува ДТС, драмската структура ја гради преку исклучително јаки и богато нијансирани карактери и ги поставува во сложени меѓусебни психолошки ситуации. Друштвото на американските театарски критичари ѝ ја доделува наградата „Стинберг“ (Steinberg Award) за делото „Гидионовиот јазол“.

Претставата „Гидионовиот јазол“ е на редовниот репертоар на Драмски театар од премиерата која се одржа во мај минатата година.

ИЗДВОЕНИ