– Без „Сапорт Кочани“, овој филм немаше да биде снимен бидејќи тие контактираа со лицата кои се согласија да ги споделат своите сведоштва. Од друга страна, имавме доверба од граѓаните на Кочани, кои препознаа дека не сакаме да правиме сензација, ниту да тераме политика, туку намерата ни беше да им овозможиме платформа преку која ќе ја искажат нивната болка, нивните чувства и тие да останат забележани како документ, посочи меѓу другото, режисерот Милчо Манчевски, по завчерашната премиера на неговиот документарец во Куршумли ан, во рамките на Фестивалот „Македокс“

 

Тага, болка, сочувство… и надеж. Со силни емоции, вчеравечер, во Куршумли ан, во рамките на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, публиката ја проследи македонската премиера на долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски за кочанската трагедија, во која животот го загубија 63 млади луѓе, а 193 биле повредени. Публиката имаше можност да ги слушне гласовите на луѓето чии животи засекогаш се променија по пожарот во дискотеката „Пулс“ – преживеани, членови на семејствата на загинатите и луѓе кои во најтешките моменти се обидувале да помогнат и да спасат животи.

Веднаш по проекцијата, присутните спонтано, со минута молк, оддадоа почит за загинатите, по што во разговорот со режисерот Манчевски беа објаснети и причините и идејата за создавање на еден ваков документарец.

– Без „Сапорт Кочани“, овој филм немаше да биде снимен, бидејќи тие контактираа со лицата кои се согласија да ги споделат своите сведоштва. Од друга страна, имавме доверба од граѓаните на Кочани, кои препознаа дека не сакаме да правиме сензација, ниту да тераме политика, туку намерата ни беше да им овозможиме платформа преку која ќе ја искажат нивната болка, нивните чувства и тие да останат забележани како документ, посочи, меѓу другото, Манчевски. Тој кажа дека снимањето започнало еден месец по трагедијата, а одлучил филмот да биде минималистички за да се избегне каква било филмска манипулација.

Документарецот бил снимен со минимална филмска екипа, со негови сопствени средства, во знак на почит кон жртвите и преживеаните.

– Сакавме да снимиме филм во кој ќе се чуе гласот на некој кој ѝ гледал директно на смртта в очи и кој сака да зборува за тоа, а притоа гледачот да нема кај да бега. Скептичен сум кон документарецот како филмска форма бидејќи мислам дека намерно или ненамерно има манипулација, посочи Манчевски.

Прашан како се чувствувал при снимањето, кажа дека додека снимале и потоа во монтажата, успеал да направи дистанца со цел да може да го направи филмот. „Моите емоции дојдоа дури сега кога го гледам филмот, и во неколку наврати ми доаѓаше да заплачам“, Манчевски ги сподели своите чувства.

А силните емоции како реакција на овој документарец беа почувствувани од секој од присутните во преполниот Куршумли ан, каде што зборовите на преживеаните, родителите на починатите деца и тивките херои одекнуваа оставајќи трага која документарецот ќе ја зачува за идните генерации  – за она што не смеело да се случи и за тоа дека во секоја несреќа постојат добри луѓе кои безусловно го ризикуваат својот за да спасат туѓи животи.

Документарецот на Манчевски неодамна имаше светска премиера на Сараевскиот фестивал, по што имаше и бројни одгласи. Во рецензијата на Мелита Зајц се вели:

„Кога последен пат се прашавте дали сте добар човек? Со својот најнов филм, реномираниот македонски режисер Милчо Манчевски ќе ве натера да размислите за тоа. Едноставно, набљудувајќи ги протагонистите на документарецот и обраќајќи им се на вашиот ум и на вашите чувства, тој болно ќе ве освести дека човештвото ја заборавило важноста да се биде добар човек…“

Манчевски, прашан за тоа како и дали филмот можеби ќе влијае на судскиот процес, истакна: „Јас сум режисер, а не судија“.

Наместо реконструкција на настаните, Манчевски го насочува филмот кон сведоштвата и кон личните искуства на луѓето што биле таму, при што отвора прашања за тоа што значи да се биде добар човек во денешното време.

Оние што не присуствувале на проекцијата во Куршумли ан, а сакаат да го видат филмот, тој од 26 август ќе се прикажува во „Синеплекс“.

Инаку, целиот приход од продадените билети, преку „Сапорт Кочани“, ќе биде дониран за помош на семејствата на жртвите и за преживеаните од трагедијата во Кочани.

Пред почетокот на проекциите, ќе се објавува и кју-ер код, преку кој секој што сака, може дополнително да донира.

(Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ