Француските пратеници донесоа закон со кој им се забранува на децата под 15 години да користат социјални медиуми, со што стана првата земја од Европската Унија што донесе таква одлука поради штетните ефекти од дигиталната содржина врз децата.
Во прашање е една од водечките иницијативи на францускиот претседател Емануел Макрон во неговиот втор мандат. Тој сака законот да стапи на сила на почетокот на учебната година во септември, а исто така се забранува и употреба на мобилни телефони во средните училишта.
Неколку француски семејства го тужеа ТикТок поради самоубиства на тинејџери за кои се сомнева дека се поврзани со штетна содржина. Активистите за заштита на децата и родителите го поздравија донесувањето на законот.
Сепак, тој ќе биде предмет на уставна ревизија, што би можело да го одложи неговото спроведување.
Забраната нема да се однесува на онлајн енциклопедии, образовни или научни бази на податоци.
Пратениците од левичарската партија „Непокорена Франција“ се спротивставија на законот, тврдејќи дека неговата уставност е нејасна, дека ќе ја прекине анонимноста на интернетот и дека ќе биде невозможно да се спроведе.
Инес Лежандре, правен советник на групата e-Enfance, рече дека законот нема веднаш да значи целосна забрана.
„Ќе мора да се справиме со прашањето на постојните профили на корисниците под 15 години. Како се идентификуваат и како се суспендираат? Исто така, постои и прашањето за проверка на возраста на корисникот за секој но профил“, рече таа.
Според француското тело за надзор на здравјето, секој втор тинејџер поминува помеѓу два до пет часа на ден на „паметен телефон“. Извештај објавен во декември вели дека околу 90 проценти од децата на возраст од 12 до 17 години користат „паметни телефони“ секој ден за пристап до интернет, а 58 проценти за социјални мрежи.
Извештајот наведува низа штетни ефекти од користењето на социјалните медиуми, вклучувајќи пониска самодоверба и зголемена изложеност на содржина поврзана со ризично однесување како што се самоповредување, употреба на дрога и самоубиство.
Откако Европската комисија утврди дека најновата верзија на францускиот закон се преклопува со Законот за дигитални услуги на ЕУ, кој поставува строги правила за безбедноста на корисниците на интернет, француските пратеници постигнаа договор за ревидирана верзија на законот, која потоа беше доставена до двата дома за конечно одобрување, што беше направено вчера.












