Не е тајна дека во рамките на „Вреди“ се развива борба со „лакти“ за да се заменат, со анонимни фигури, главните протагонисти кои го реализираа проектот на обединување. Во такви околности, никој не може да очекува јас да стојам со скрстени раце, наведе, покрај другото, министерот за социјална политика Фатмир Лимани во својот одговор на прашањата од коалицијата „Вреди“ по неговото заедничко појавување со Али Ахмети и Арбен Таравари на ифтарската вечера во Тирана, организирана од албанскиот премиер Еди Рама. Во објавата на неговиот профил на социјална мрежа Фејсбук Лимани, кој има повеќе несогласувања со лидерите на коалицијата „Вреди“, одговара на прашањата од партнерите за мотивите да се најде на иста маса со политичките противници.
Во објавата тој наведува дека бил поканет на ифтарска вечера и дека домаќинот е тој што го одредува редот.
-Ако некој бара објаснување зошто Фатмир Лимани е на маса каде што се појавува и Али Ахмети, одговорот е многу поедноставен отколку обидот тоа да се претвори во „политичка дилема“. Бев поканет на ифтар како министер што ја претставува државата, на софра на која се поставува ифтар, момент што ги обединува духовите кои се само-жртвуваат во исто време со јасна цел. Во нашата култура, домаќинот е тој што го одредува редот на софрата и местата на гостите. На една трпеза на гостопримство не се оди за да се прават политички калкулации и да се наруши софрата, туку за да се почитуваат традицијата, гостопримството и заедничкиот човечки момент. Софрата не е место за поделби, туку за почит, наведе Лимани.
Тој додава дека фотографијата или присуството во заедничка средина не ја препишува историјата на политичките ставови на никого.
-Моите ставови секогаш биле јавни и јасни. Но политичката култура и општествената зрелост напредуваат и бараат и противниците да бидат во состојба да се поздрават, да разговараат и да зачуваат минимум нормалност во човечките односи. Трето, додека некои се обидуваат да создадат вештачки дилеми од една фотографија од ифтар, јас се соочувам со една друга реалност: отворен и исклучувачки обид против мене, токму од оние со кои заедно изградивме еден политички проект. Не е тајна дека во рамките на „Вреди“ се развива борба со „лакти“ за да се заменат, со анонимни фигури, главните протагонисти кои го реализираа проектот на обединување. Во такви околности, никој не може да очекува јас да стојам со скрстени раце. Затоа што јас сум човек кој има почит кон масата (софрата), а не човек на подрумите – потенцира министерот.
Лимани додава дека софрите што обединуваат не треба да го вознемируваат никого, освен оние што не му мислат добро на народот.
-Традицијата на ифтарот секогаш ја играла улогата на мост што ги приближува луѓето, без разлика на нивните убедувања или припадности. Во време кога на општеството му се потребни повеќе мостови што поврзуваат и помалку ѕидови што разделуваат, секој обид да се проблематизира еден ваков момент повеќе зборува за стравот на некои луѓе од дијалог, отколку за политичката реалност. Политиката е натпревар на идеи и визии, но нашата култура останува поголема од секое привремено ривалство. И токму тоа го симболизира една ифтарска софра: почитта кон другиот и можноста, дури и во разлики, да го зачуваме заедничкото достоинство. Оние што мислат поинаку тргнуваат од постапки што ги прават секој ден – додава Лимани во објавата. (Б.Ѓ.)












