Европскиот пазар на природен гас се соочува со силни ценовни потреси, при што во изминатата недела цената на енергенсот се зголеми за повеќе од 115 %. Ова е најголемиот раст забележан од енергетската криза во 2022 година. Главната причина за наглото поскапување е прекинот на испораките на течен природен гас (LNG) од Катар, што се случи поради воената ескалација на Блискиот Исток и блокадата на Ормутскиот теснец од страна на Иран. Поради тоа, глобалната понуда на гас се намали, а европските купувачи се принудени да се натпреваруваат со другите пазари за ограничените количини.
Цената на гасот денеска достигна околу 68,8 евра за мегават-час, што е значителен скок во однос на нивото од крајот на февруари. Сепак, аналитичарите нагласуваат дека сегашната ситуација сè уште е далеку од драматичните движења на пазарот во 2022 година.
Тогаш, дури и пред почетокот на руската инвазија врз Украина, цените на европскиот гас достигнуваа меѓу 80 и 90 евра за мегават-час. Во август истата година тие достигнаа историски максимум од над 340 евра за мегават-час, што предизвика сериозна енергетска криза во Европа.
Иако Катар не е најголемиот снабдувач на Европа, земјите од ЕУ добиваат околу 6 до 8 проценти од увозот на течен природен гас токму од оваа држава. Во глобални рамки, Катар има околу 20 проценти удел на пазарот на LNG, додека САД обезбедуваат речиси 60% од испораките за европските земји. Кина, пак, се потпира на Катар за околу една четвртина од своите потреби.
Поради намалените количини на пазарот, европските купувачи мора да понудат повисоки цени за да обезбедат испораки, бидејќи истите танкери со течен природен гас може да бидат пренасочени кон азиските пазари каде што побарувачката е силна. Дел од бродовите што биле наменети за Европа веќе ја смениле дестинацијата и се упатиле кон Азија.
Дополнителен проблем е и нивото на резервите. Иако поблагото време ја намали потрошувачката во последните недели, Европа ја завршува грејната сезона со складишта исполнети помалку од 30 проценти, што е значително под просекот од околу 45 проценти во последните пет години. Ова значи дека во наредните месеци ќе биде потребно значително поголемо купување гас за да се подготват резервите за следната зима.
Енергетските експерти предупредуваат дека дури и ако конфликтот на Блискиот Исток заврши во краток рок, нормализацијата на снабдувањето со гас од Катар нема да биде брза. Според проценките, ќе бидат потребни недели или дури месеци за системот повторно да функционира со вообичаеното темпо.
Некои големи финансиски институции веќе ги коригираа своите прогнози. Според анализите на инвестициските банки, доколку прекинот на испораките продолжи подолг период, тоа може да доведе до намалување на глобалниот вишок на течен природен гас и до појава на недостиг на пазарот во текот на годината.












