петок, август 7, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Европа со „минималци“ над 2.000 евра, Македонија на дното од листата

Европа со „минималци“ над 2.000 евра, Македонија на дното од листата

0

Најновите податоци на „Евростат“ за втората половина од 2026 година покажуваат огромни разлики во висината на минималните плати низ Европа. Додека најразвиените европски економии исплаќаат минимални бруто-плати над 2.000 евра месечно, Македонија и понатаму останува меѓу земјите со најниски минимални примања.

Според податоците, само осум од 29 европски земји ја зголемиле својата бруто минимална плата во периодот од јануари до јули 2026 година. Во тој период, инфлацијата во еврозоната изнесувала 3,2 отсто, што значи дека во дел од земјите растот на платите не успеал целосно да го надомести зголемувањето на трошоците за живот.

Највисока минимална бруто месечна плата во Европа има Луксембург со 2.771 евро. Следуваат Ирска со 2.391 евро, Германија со 2.343 евра, Холандија со 2.338 евра и Белгија со 2.234 евра. Франција е веднаш зад нив, со минимална плата од 1.867 евра.

Во средната група се Словенија со 1.482 евра, Шпанија со 1.425 евра, Литванија со 1.153 евра, Полска со 1.119 евра, Кипар со 1.088 евра, Грција и Португалија со по 1.073 евра и Хрватска со 1.050 евра.

Во споредба со земјите од регионот, Македонија останува на долниот дел од европската листа. Македонската минимална бруто-плата изнесува 624 евра, односно околу 421 евро нето, што ја става зад Србија, каде што „минималецот“ е 743 евра бруто, и Црна Гора со 670 евра. Иако според пресметките на куповната моќ позицијата на Македонија е нешто подобра, разликата во номиналните плати останува значителна.

Најниска минимална плата во Европската Унија има Бугарија со 620 евра, додека голем број земји кандидатки за членство во ЕУ се под границата од 1.000 евра.

„Евростат“ наведува дека во 15 европски земји минималната бруто месечна плата е под 1.000 евра. Тоа значи дека повеќе од половина од земјите со достапни податоци се во оваа група.

Податоците повторно ја отвораат дебатата за животниот стандард и за реалната вредност на минималната плата. Додека во дел од Европа минималните примања се приближуваат или надминуваат 2.000 евра, работниците во земјите со пониски плати и понатаму се соочуваат со предизвикот како да ги покријат зголемените трошоци за храна, домување и за основни потреби.

ИЗДВОЕНИ