Сѐ повеќе граѓани се жалат дека поради нередовно читање на водомерите добиваат погрешни сметки за вода, а наместо брзо решавање на проблемот, се соочуваат со дополнителни административни процедури, камати, па дури и со тужби. Еден од нив е Љупчо Велковски, кој се обрати до Редакцијата на весникот ВЕЧЕР, тврдејќи дека по грешка на ЈП „Водовод и канализација“, наместо реална сметка од околу 1.500 денари, добил фактура од 10.700 денари.
Како што раскажа, во 2024 година на сметката му биле пресметани повеќе од 360 кубни метри вода, иако реалната потрошувачка била повеќекратно помала. Тој веднаш поднел приговор и одбил да го плати спорниот износ, бидејќи редовно ги намирувал сметките.
– Од „Водовод“ дојдоа на увид и потврдија дека станува збор за нивна грешка. Очекував случајот да биде затворен, но наместо тоа, во јануари годинава добив известување дека сум тужен за истиот износ, зголемен со камата. Денес долгот веќе надминува 18.000 денари и никој не ми објаснува за што сум тужен – вели Велковски.
Тој посочува дека по добивањето на тужбата, повторно поднел приговор, а од „Водовод“ испратиле комисија, која повторно го проверила водомерот сите сметки.
И покрај тоа, тужбата не е повлечена, а каматата продолжува да расте. Последниот приговор го поднел пред околу еден месец, но, како што вели, сѐ уште нема добиено никаков одговор.
– Не плаќаме вода затоа што имаме претплата, а истовремено сме тужени. Ситуацијата е нелогична. Само бараме некој да ни објасни за што должиме, но одговор нема – вели Велковски.
Според него, ова не е изолиран случај. Вели дека по објавите на социјалните мрежи, му се јавиле повеќемина граѓани со слични проблеми, кои тврдат дека не им се читаат редовно водомерите и дека сметките често се изготвуваат паушално.
Граѓаните велат дека инкасаторите ретко излегуваат на терен, а кога реагираат во „Водовод“, добиваат објаснување дека претпријатието не може да ги натера инкасаторите редовно да ги извршуваат своите обврски. Според нив, токму ваквиот начин на работа создава погрешни пресметки, дополнителни трошоци и долги административни постапки, поради што бараат ЈП „Водовод и канализација“ да воведе поредовно читање на водомерите и побрзо решавање на приговорите за да не плаќаат граѓаните за туѓи грешки.
(А. С.)












