Шумските пожари што беснеат во јужна Европа принудија илјадници луѓе да ги напуштат своите домови, додека стотици пожарникари се борат со пожари што зафатија и уништија речиси 20.000 хектари земја во Португалија, Шпанија, Франција и Грција.
Во исто време, се предвидува дека силните ветрови ќе влијаат на ширењето на пожарите, а се очекува температурите повторно да се зголемат оваа недела, објавува „Гардијан“.
Во францускиот департман Пиринеи-Ориентали, во близина на границата со Шпанија, 700 пожарникари се борат да стават под контрола шумски пожар што се шири неконтролирано, откако изгореа 5.000 хектари и беа евакуирани повеќе од 10.000 луѓе.
„Утрово условите повторно се влошуваат“, изјави денес францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез, додавајќи дека пожарите сега беснеат во пет департмани и дека досега во Франција оваа сезона е изгорено двојно повеќе земјиште отколку во истиот период минатата година.
На шпанската страна од границата, пожарот уништи 2.200 хектари, од кои 97 проценти се во заштитеното природно подрачје Лес Гаварес.
Шефот на каталонската противпожарна служба, Едуард Мартинез, рече дека пожарот се шири во радиус од 40 километри.
Пожарникарите рекоа дека нивната работа ќе биде отежната од зголемувањето на температурите и бројот на жаришта во погодената област, но вчера рекоа дека ситуацијата со пожарот е стабилна и изразија надеж дека ќе биде изгаснат во рок од една недела.
Јужно од Каталонија, во источната шпанска покраина Кастелон, повеќе од 500 луѓе беа евакуирани откако шумски пожар се прошири во националниот парк Сиера де Еспадан.
Во регионот Вузела во централна Португалија, повеќе од 1.200 пожарникари, поддржани од речиси 400 возила и 15 авиони, се обидуваа да го изгаснат пожарот што избувна во четвртокот и до недела се прошири на 13.000 хектари.
Шпанија и Италија испратија пожарникари и авиони за да ѝ помогнат на Португалија, а службите за итни случаи денес соопштија дека 80 проценти од пожарите се под контрола.
Португалскиот министер за внатрешни работи Луис Невес ги опиша условите како „буре барут“. Огромни пожари уништија стотици хектари шуми, лозја и грмушки во Хрватска, на островот Хвар, како и во Тале во Албанија.
Во Грција, која во голема мера беше поштедена од минатомесечниот топлотен бран, две фабрики во близина на Солун беа уништени од шумски пожар што се прошири на нив.
Грчките власти издадоа предупредувања за евакуација за три предградија и ги повикаа жителите да останат во затворен простор и да ги затворат прозорците и вратите поради токсичен чад од една од фабриките, фабрика за рециклирање.
Уште еден голем шумски пожар избувна западно од Атина во недела попладне, при што 210 пожарникари, поддржани од волонтери, специјализирани тимови и 29 авиони, беа распоредени за справување со пожарот што ја зафати боровата шума во областа Мандра, пренесува „Танјуг“.












