сабота, јули 4, 2026
Дома СВЕТ ЕУ размислува да ја услови помошта за земјите што ги поддржуваат Русија...

ЕУ размислува да ја услови помошта за земјите што ги поддржуваат Русија и Иран

95
Фото: EPA/OLIVIER MATTHYS

Земјите во развој што ги поддржуваат Русија или Иран би можеле да останат без помош од Европската Унија (ЕУ), изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

Зборувајќи пред состанокот на министрите на земјите-членки на ЕУ одговорни за развој во Брисел, Калас рече дека Унијата мора да стане „постратешка“ во начинот на кој ја распределува помошта за развој во услови на зголемено геополитичко ривалство и конфликт.

„Ако партнер ги поддржува Русија или Иран, тогаш мора да го прилагодиме нашиот ангажман во тој случај“, рече Калас, пренесува „Еурактив“
Таа ја нагласи потребата да се најде рамнотежа помеѓу продолжувањето на помошта и заштитата на европските интереси.

Европскиот комесар за развој, Џозеф Сикела, изјави дека предноста на европските компании треба да биде составен дел од идната помош за развој на ЕУ.

„Во свет каде што инвестициите, инфраструктурата и синџирите на снабдување станаа инструменти на моќ, надворешната политика не може да биде сентиментална“, рече Сикела.

Некои европратеници предупредија дека помошта за развој не смее да се врзува исклучиво за интересите на европските компании и конкурентноста на ЕУ, на штета на борбата против сиромаштијата. Белгискиот министер за надворешни работи, Максим Прево, предупреди дека ЕУ не смее да се повлече од помошта за земјите во развој во време кога САД ја намалуваат меѓународната помош.

„Европа не смее да остави празнина што другите би можеле да ја пополнат со уште попрагматичен и пристап управуван од интерес“, рече Прево.

Како што објаснува „Еурактив“, изјавите доаѓаат во време кога раководството на ЕУ ја подготвува следната фаза од инвестициската стратегија „Глобална порта“, вредна 300 милијарди евра, која ќе биде дел од новиот седумгодишен буџет на ЕУ.

Контроверзноста, забележува европскиот портал, е предизвикана од проект во Сенегал вреден повеќе од 320 милиони евра, финансиран од ЕУ, кој се очекува да биде доделен на компанија поврзана со кинеската влада, за која претходно беше утврдено дека ги прекршила европските правила за странски субвенции, пренесе „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ