EPA/RAMON VAN FLYMEN

По повод изрекувањето на првостепената пресуда за поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово — Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи — Европската Унија денеска ги повика сите страни и актери во Косово на воздржаност.

„Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство мора да бидат во можност да го спроведуваат својот мандат без попречување. Мора да се овозможи правдата да го следи својот тек, што е особено важно за жртвите. Властите имаат одговорност да ја гарантираат безбедноста на сите заедници и жители низ Косово“, изјави портпаролот на Европската комисија, Гијом Мерсие, пренесе Радио Слободна Европа.

Тој наведе дека ЕУ ја зела предвид првостепената пресуда и истакна дека Специјализираните совети на Косово ја спроведуваат правдата преку правични, непристрасни и независни судски постапки, засновани на принципот на индивидуална кривична одговорност.

Осудените лица имаат право на жалба на пресудата пред независни апелациони судии во рамките на посебен Апелационен совет, додаде Мерсие.

Истовремено, ЕУ потсети на својата долгогодишна поддршка за Специјализираните совети како институција основана со одлуки на Собранието на Косово во периодот 2014–2015 година, која функционира во рамките на правниот систем на Косово.

„Нивната работа е важна за обезбедување одговорност и задоволување на правдата за жртвите и нивните семејства од сите косовски заедници, со што се придонесува кон помирувањето. Промовирањето на средина без заплашување, страв и одмазда, како и заштитата на жртвите и сведоците, останува од клучно значење“, рече Мерсие.

Специјализираните совети на Косово во Хаг денеска ги осудија Тачи и Красниќи на по 25 години затвор, Весели на 18 години, а Селими на 13 години затвор за воени злосторства во Косово во текот на 1998 и 1999 година.

ИЗДВОЕНИ