Шон Кимкрос, директорот за сајбер-безбедност во Белата куќа, е разрешен од својата функција, според извор близок до Белата куќа. Ова се случува само неколку дена откако технички прекини предизвикаа пореметувања во авионскиот сообраќај, банкарскиот сектор и системите за национална безбедност во Соединетите Држави.
Разрешувањето доаѓа во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација се соочуваат со сè поголеми критики и барања за објаснување во врска со нивната реакција на серијата системски прекини во текот на изминатата недела.
Овие инциденти вклучуваат глобален прекин што погоди стотици милиони корисници на услугите на „Мајкрософт“, како и прекин на авионскиот сообраќај на национално ниво, што доведе до пореметување на повеќе од 18.000 летови.
Отстранувањето на Кимкрос претставува прв значаен кадровски потег на администрацијата по овие системски нарушувања.
Кимкрос беше одговорен за надзор на политиката и стратегијата за сајбер-безбедност во целата федерална влада. Кирстен Дејвис, директорка за информатичка технологија во Министерството за одбрана, привремено ќе ги преземе неговите должности, наведе изворот.
„Претседателот целосно ја поддржа одлуката за разрешување на Шон Кимкрос од неговата функција“, изјави изворот, кој сакаше да остане анонимен.
Во својата изјава, Кимкрос истакна дека „служењето во администрацијата на Трамп претставувало чест на животот“. Според експертите за сајбер-безбедност, неодамнешните технолошки нарушувања веројатно се поврзани со напорите на компаниите брзо да реагираат на новооткриените софтверски ранливости во ерата на вештачката интелигенција.












