Еден маж е приведен откако утрово детонирал запалива направа пред зградата на Федералното биро за истраги (ФБИ) на Менхетен, каде што се наоѓа и канцеларијата на Службата за имиграција и царина (ICE). Во инцидентот се повредени три лица, од кои две се однесени во болница, соопштија американските власти.
Инцидентот се случил околу 8:30 часот по локално време пред зградата на Федерал Плаза 26, во близина на Градското собрание на Њујорк и федералните судови.
Директорот на ФБИ, Кеш Пател, изјави дека осомничениот веднаш бил приведен и дека Заедничката работна група за тероризам на ФБИ ги истражува околностите на инцидентот.
„Утрово, едно лице детонирало запалива направа пред зграда на Федерал Плаза 26 во Њујорк. Осомничениот е во притвор, а досега се пријавени две полесни повреди“, рече Пател во објава на платформата за социјални медиуми „Икс“, како што објави „Гардијан“.
Снимките објавени во американските медиуми покажуваат густ бел чад како се издига од влезот на зградата, како и голем број полицајци и федерални агенти кои го опкружуваат и го приведуваат осомничениот.
Според „Еј-би-си њуз“, во инцидентот се повредени две лица, цивил и федерален службеник, кои се здобиле со полесни повреди и им е укажана медицинска помош.
Според американските медиуми, пожарот најверојатно е предизвикан од пиротехнички средства поставени во количка на која пишувало „ICE надвор од нашите улици“.












