недела, јули 12, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА ЕКСКЛУЗИВНО ЗА ВЕСНИКОТ ВЕЧЕР: Врвот на „Синохидро“ со гаранција – идната година...

ЕКСКЛУЗИВНО ЗА ВЕСНИКОТ ВЕЧЕР: Врвот на „Синохидро“ со гаранција – идната година ќе се вози по автопатот Кичево – Охрид

0
Потпретседателот на „Синохидро“, Ванг Џијанфенг, во ексклузивна изјава за весникот ВЕЧЕР уверува дека најголемите инженерски и геолошки предизвици на автопатот Кичево – Охрид се веќе надминати и дека проектот ќе биде завршен во 2027 година. Наесен ќе бидат пуштени во сообраќај уште девет километри, со што вкупно 36 километри од трасата ќе бидат достапни за возачите. Од кинеската компанија велат дека преостануваат само финални градежни активности, како и изградба на локалните патишта и клучките. Покрај завршувањето на овој капитален проект, „Синохидро“ најавува интерес и за нови инфраструктурни инвестиции во Македонија. Потврдата од кинескиот изведувач се совпаѓа со последните најави на премиерот Мицкоски, кој вчера од Охрид повторно најави дека автопатот ќе биде целосно пуштен во употреба во првиот квартал од 2027 година

 

Специјален дописник за весникот ВЕЧЕР од Чангду, Кина

Виолета СТОИМЕНОВА НАУМОСКА

Автопатот Кичево – Охрид ќе биде целосно завршен во текот на идната, 2027 година, уверуваат од највисокото раководство на изведувачот на проектот, кинеската компанија „Синохидро“, во изјава за весникот ВЕЧЕР. Оттаму оценуваат дека најголемите инженерски и геолошки предизвици се веќе надминати и дека преостануваат само финални градежни активности. Со ова, компанијата ја потврдува и последната временска рамка што претходно ја соопшти и премиерот Христијан Мицкоски, кој и вчера потврди дека автопатот ќе биде целосно пуштен во употреба во првиот квартал од 2027 година, оценувајќи дека динамиката на изградбата се одвива согласно планираното. Потпретседателот на Синохидро, Ванг Џијанфенг, истакна дека покрај досегашните 27 километри, наесен, уште девет километри од автопатот ќе бидат пуштени за сообраќај.

– Според нашата програма, проектот ќе биде завршен во 2027 година. Во овие неколку години ги анализиравме позиционираноста на проектот, геолошките и временските услови и ги надминавме сите предизвици со помош на Владата на Северна Македонија. Најважните предизвици се надминати, има уште неколку предизвици кои се минорни и како такви нема да влијаат на завршувањето на проектот. 27 км од автопатот се веќе отворени за сообраќај, а оваа есен ќе се завршат уште 9 км и ќе бидат пуштени за сообраќај. Изминатите години имавме голема поддршка од нашите партнери, властите во Северна Македонија, од општините и како што реков, очекуваме проектот да биде завршен во 2027. Покрај овие 56 км автопат имаме уште 16 км локални патишта како и клучки кои ќе ги поврзуваат, изјави Џијанфенг за весникот ВЕЧЕР.

Покрај потврдата за финиширање на овој долгоочекуван проект, потпретседателот на „Синохидро“ најави и интерес на оваа кинеска компанија за нови проекти во Македонија.

– Заинтересирани сме за слични проекти како овој во Северна Македонија, затоа што земјата има поволни услови за странски инвестиции и сметаме дека луѓето во земјата имаат добро мислење за нашата работа. Имаме идеални услови за повеќе проекти на овој пазар и затоа што има добри односи помеѓу владите и народите на двете земји. Нашата компанија има стратегија да развие повеќе проекти во вашата земја, рече Ванг Џијанфенг.

Премиерот Мицкоски вчера, исто така, уште еднаш истакна дека првиот квартал од 2027 е рокот кога автопатот Кичево – Охрид ќе биде ставен во функција, а го потврди пуштањето во сообраќај на делницата од Извор до Врбјани наесен.

– Мислам дека со пуштањето на автопатската делница којашто ќе ги поврзе Кичево и Охрид ако биде се како што треба првиот квартал од следната година и оваа година есента очекувам да биде пуштена делницата од Извор до Врбјани, така што ќе се зголеми делницата што ја користат граѓаните како автопатска за уште дополнителни километри. Очекувам на тој начин да се намали растојанието и патувањето од неколку градови во Македонија до Охрид и на тој начин уште повеќе туристи да го посетуваат Охрид, рече премиерот.

Автопатот Кичево – Охрид е еден од најголемите и најсложени инфраструктурни проекти во Македонија. Изградбата започна во 2014 година, со првично предвиден рок за завршување до 2018 година, но поради сериозни пропусти во проектната документација, непредвидени геолошки услови, дополнителни свлечишта, потреба од измена на трасата и изградба на нови потпорни конструкции, рокот беше пролонгиран во повеќе наврати, а вредноста на проектот значително се зголеми.

Во изминатите две години изградбата доби засилена динамика, при што делници од автопатот постепено се пуштаат во употреба. Во моментов за сообраќај се отворени 27 километри, а според најавите на „Синохидро“, до крајот на есента ќе бидат завршени и пуштени уште девет километри. Со тоа, за доизградба ќе останат најсложените делови од трасата, каде што се изведуваат финални работи на мостови, косини, потпорни конструкции, клучки и локалната патна инфраструктура.

Со потврдата на потпретседателот на „Синохидро“, првпат и од највисокото раководство на изведувачот јавно се потврдува истиот рок за финализирање на еден од најдолгите и најскапите инфраструктурни проекти во земјава.

 

 

ИЗДВОЕНИ