Властите во Дубаи започнаа програма со која им се нудат на жителите на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) повеќе од 3.000 дирхами (околу 720 евра) во бенефиции доколку ги привлечат членовите на семејството или пријателите да го посетат емиратот, по наглиот пад на бројот на туристи предизвикан од војната меѓу САД, Израел и Иран.
Програмата „Dubai Invite“, која ја води Министерството за економија и туризам на Дубаи, им овозможува на жителите да привлечат пријатели и роднини од странство, во замена за пакет бенефиции што вклучува хотелско сместување, попусти во ресторани и билети за туристички атракции.
Според програмата, секој жител може да оствари до три пакети бенефиции за посетителите што пристигнуваат во Дубаи до 31 октомври, додека бенефициите може да се користат до декември, објавува The Guardian.
Право да учествуваат имаат само жителите кои не се од ОАЕ, а доаѓаат во земјата со важечка туристичка виза.
Програмата беше започната во време кога туристичкиот сектор на ОАЕ доживува значителен пад, откако регионалниот конфликт влијаеше на воздушниот сообраќај и туристичкиот интерес за патување на Блискиот Исток.
Дубаи беше домаќин на речиси 20 милиони туристи во 2025 година, што беше рекорден резултат, но по избувнувањето на конфликтот, бројот на авиокомпании што летаат до аеродромите во Дубаи се преполови, додека многу летови беа откажани или пренасочени поради безбедносни причини.
Некои од најпознатите хотели во Дубаи се привремено затворени поради претходно планирани реновирања, вклучувајќи го и хотелот Бурџ Ал Араб, додека други нудат попусти до 45 проценти и бесплатни ноќевања за да привлечат гости.
Локалните медиуми објавија дека во првите 48 часа од започнувањето на програмата се примени повеќе од 10.000 апликации.












