Државата влегува во фаза на имплементација и одговорност, со цел создавање стабилен и одржлив енергетски систем. Затоа е потребна силна координација и јасни приоритети на Секторската работна група за енергетика. Ова на состанокот на кој присуствуваа претставници од Делегацијата на ЕУ, УНДП, Светска банка, амбасади, домашни институции, како и меѓународни финансиски организации и донатори, главен фокус беше ставен на забрзување на реформите, подобра координација и дефинирање на следните приоритети во енергетскиот сектор.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска нагласи дека новата законска рамка и инвестициите во обновливи извори, се темел за модерен, конкурентен и европски усогласен енергетски сектор.
Посебен акцент беше ставен на Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030 (NECP), кој треба да обезбеди декарбонизација, поголема енергетска ефикасност и приближување кон европскиот пазар. Во тек е воспоставување систем за следење и координација на неговата имплементација.
Беше истакнат и напредокот во праведната транзиција, со усвоен годишен план и подготовка на мониторинг извештаи, како и инвестиции во обновливи извори преку посебна инвестициска платформа, со фокус на нови работни места и поддршка за погодените заедници.
Состанокот го потврди и процесот на интеграција во европскиот енергетски пазар, со нов Закон за енергетика кој воведува современи пазарни механизми и дигитализација на системот.
Од Министерството беше истакнато дека се реализираат инвестиции во соларни и ветерни капацитети, напредуваат гасните интерконектори со Грција и Србија, се спроведуваат програми за енергетска ефикасност и се гради системски пристап за справување со енергетската сиромаштија.
Учесниците се согласија дека следниот период бара засилена координација и забрзана имплементација на реформите, со цел енергетска безбедност, одржливост и целосна интеграција во европскиот енергетски систем.












