Стотици странски државјани вчера беа запрени на граничниот премин Табановце откако системот „Безбеден град“ претходно регистрираше дека тие направиле сообраќаен прекршок во Македонија. Новиот систем предизвикува огромни гужви на границата. Системот работи така што регистрира прекршок, а потоа им дава известување на возачите дека го надминале ограничувањето на брзината и дека треба да платат казна пред да ја напуштат земјата.
Наплатата на сообраќајните казни на граница со Србија помина со експлозивни реакции од возачите кои транзитираат низ земјава. Првиот ден од функционирање на системот за наплата помина со слика од долги колони од возила и неколкучасовно чекање на пеколниот асфалт.
Од АМСМ за весникот Вечер велат дека изутринава немало застој, но гужвите се очекува да се создадат во попладневните часови. Според снимките од безбедносните камери на граничниот премин Табановце кои се пренесуваат во живо, очигледни се неколку колони од возила за излез од земјава.
Српските туристи кои претходно чекале и на јужната граница за влез во земјава, беа шокирани кога полицаецот на пасошка контрола, на стотина во средата вечерта, им даде записник на возачите и ги упати да платат за непочитување на сообраќајните правила на македонските патишта-најмногу за брзо возење и поминување на црвено.
„Сè оди низ една колона, а нервозата меѓу возачите беше на работ на инцидент“, стои во објава на профилот „putdogricke_triptogreece“, која ја пренесува „Блиц“, опишувајќи ја состојбата на граничниот премин Прешево. Според српските медиуми, дел од возачите на Табановце биле издвојувани од колоната откако системот „Безбеден град“ регистрирал прекршок, по што им бил врачуван записник и платен налог и биле упатувани да ја платат казната пред да продолжат кон Србија.
Новиот механизам првично се применува на граничниот премин Табановце, каде при излез од земјата се идентификуваат возилата со странски регистарски таблички за кои системот претходно евидентирал прекршок. На возачот му се соопштува дека е регистриран сообраќаен прекршок, по што му се издава записник за сторен прекршок и прекршочен платен налог. Казната се плаќа согласно законската постапка, а Министерството за внатрешни работи најави дека механизмот постепено ќе се проширува и на останатите гранични премини.
„МВР презема активности за непречено одвивање на постапката и намалување на задржувањето на патниците.Со воведувањето на овој механизам се обезбедува еднаков и неселективен пристап во санкционирањето на сообраќајните прекршоци, без оглед дали станува збор за возила со домашни или странски регистарски таблички. МВР продолжува со имплементацијата на системот, со цел неговата примена постепено да се прошири и на останатите гранични премини во државата“, соопштија од македонската полиција.
Системот „Безбеден град“ функционира од 2 февруари годинава, а до неговото воведување за странските возила постоеше проблемот како казната да биде доставена и наплатена од возачите кои само поминуваат низ Македонија. Уште во јули министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека системот ќе биде целосно имплементиран и за возачите со странски регистарски таблички.
„Системот Безбеден град функционира и ќе се однесува на сите, без разлика дали возилото е со македонски или со странски регистарски таблички“, изјави Тошковски при промоцијата на кампањата „Вози одморен“ на Табановце. Тој тогаш најави дека следниот чекор е доставувањето на казните до странските возачи.
Бројките покажуваат дека станува збор за илјадници странски возила. За првите пет месеци од функционирањето на „Безбеден град“ биле регистрирани повеќе од 120.000 сообраќајни прекршоци, а значаен дел од нив биле направени со возила со странски регистарски таблички. (П.А.)












