За поголемиот дел од оваа недела, Европскиот центар за среднорочни временски прогнози прогнозира натпросечно топло време во поголемиот дел од Европа. Ова не важи за Балканот, Турција, Украина и за северна Африка, каде што ќе преовладува посвеж бран.
Додека во Западна и во дел од Централна Европа има вистинска летна топлина што ги руши температурните рекорди, на Балканот, во Грција, Турција и во Египет температурите се значително пониски од просекот за крајот на септември и почетокот на октомври. Причината за овој екстремен температурен контраст лежи во специфичниот распоред на системот на воздушен притисок над континентот. Длабок циклон (област со низок притисок) е формиран над Северниот Атлантик, додека силен антициклон (област со висок притисок) има над Североисточна Европа. Меѓу овие два системи е формиран силен воздушен коридор: кон западната половина на Европа пристигнува екстремно топол воздух од северозападна Африка, додека на задната страна од антициклонот, студен воздух од Сибир продира директно во југоисточна Европа и понатаму во североисточна Африка.
Поголемиот дел од Западна Европа бележи невообичаено високи температури за овој период од годината. Минатиот викенд, во Шпанија беа измерени дури 41,3 степени, што е најнова регистрирана температура над 40 степени на европското копно во историјата на мерењата. Во Франција и во Германија, живата во термометарот се искачи над тропските 30 степени. Метеоролозите предвидуваат дека ќе продолжи невообичаената топлина и оваа недела, со температури во Шпанија, Франција и во Германија често и до 10 Целзиусови степени повисоки од просекот. Во Германија, би можел да биде срушен деценискиот рекорд за највисока септемвриска температура од 32,2 степени. За разлика од западот, југоистокот на Европа се соочува со температури што се до 10 степени пониски од вообичаените за преминот од септември во октомври.
Во Грција, дневните температури паднаа на нешто над 20 степени. Заладувањето во источниот дел на Европа почна минатата недела, кога падна дури половина метар снег на словачките Татри. Во текот на оваа недела се очекуваат снежни врнежи на планините во Бугарија, додека на планините во Грција температурите ќе паднат под нулата, но нема да има врнежи.












