Оперативниот план за вработување за 2026 година и официјално стапи во сила откако доби согласност од Комисијата за заштита на конкуренцијата. За реализација на мерките се обезбедени 40 милиони евра, средства со кои Владата очекува да отвори нови можности за вработување, самовработување и развој на мали бизниси низ државата.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, информираше дека годинашниот план носи повеќе новини, со кои се проширува кругот на корисници и се зголемува финансиската поддршка за невработените лица кои сакаат да започнат сопствен бизнис.
Според него, младите лица до 29 години ќе можат да добијат грант до 10.000 евра за отворање сопствен бизнис, додека за лицата над 29 години финансиската поддршка ќе изнесува до 7.000 евра.
Дополнителен поттик е предвиден за младите кои ќе одлучат заеднички да основаат компанија. Доколку двајца млади до 29 години формираат друштво со ограничена одговорност, ќе можат да добијат грант до 20.000 евра за развој на својот бизнис.
– Првпат во Оперативниот план се опфатени и младите повратници од странство. Тие ќе имаат можност да добијат дополнителни 10 проценти од вредноста на грантот. Тоа значи дека млад човек до 29 години кој се враќа во државата и сака да почне сопствен бизнис, ќе може да добие поддршка до 11.000 евра, изјави Ристески.
Од Министерството посочуваат дека дел од средствата од мерките кои во претходните години покажале помал интерес биле пренаменети кон програмите за самовработување, со цел поголем број граѓани да добијат директна финансиска помош за отворање сопствен бизнис.
Новина во годишниот план е и воведувањето на образовен критериум за дел од најатрактивните мерки. Кандидатите кои ќе аплицираат за одредени програми ќе треба да имаат завршено најмалку средно образование.
Од Министерството за економија и труд очекуваат преку мерките од Оперативниот план во текот на 2026 година да бидат опфатени меѓу 5.500 и 6.000 невработени лица, кои ќе добијат можност за вработување, преквалификација или започнување сопствен бизнис.
Јавниот повик за аплицирање се очекува да биде објавен следната недела, по што заинтересираните граѓани ќе можат да ги поднесат своите апликации преку Агенцијата за вработување.
Надлежните очекуваат мерките да придонесат за намалување на невработеноста, задржување на младите во земјата и поттикнување на претприемништвото како двигател на економскиот развој.












