Посебен впечаток остави Дон Ејри, чии клавијатурни соло изведби ја збогатија концертната атмосфера. Неговата изведба на македонската химна „Денес над Македонија“ беше еден од највпечатливите моменти на вечерта, симболично поврзувајќи ја британската рок-легенда со публиката во Скопје
Легендарните британски рокери, групата „Дип парпл“, завчеравечер, приредија незаборавна рок-вечер во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, во рамките на својата светска турнеја. Пред многубројните љубители на рок-музиката, членовите на „Дип Парпл“ изведоа некои од најголемите хитови од својата повеќедецениска кариера, меѓу кои „Smoke on the Water“, „Highway Star“, „Lazy“, „Black Night“, „Hush“ и „When a Blind Man Cries“.
Посебен впечаток остави Дон Ејри, чии клавијатурни соло изведби ја збогатија концертната атмосфера. Неговата изведба на македонската химна „Денес над Македонија“ беше еден од највпечатливите моменти на вечерта, симболично поврзувајќи ја британската рок-легенда со публиката во Скопје.
Фронтменот Ијан Гилан, со препознатливата енергија и сценско присуство, ги предводеше изведбите на безвремените рок-класици, потсетувајќи зошто бендот со децении има посебно место во историјата на светската музика.
На сцената настапија и тапанарот Ијан Пејс, басистот Роџер Гловер и гитаристот Сајмон Мекбрајд. Заедно со Гилан и Ејри, тие ја продолжија музичката приказна на еден од највлијателните бендови во историјата на хардрокот, со моќен звук, сценска изведба збогатена со светлосни ефекти и видеопроекции.
Историјата на „Дип парпл“ е исполнета со музичари кои оставија неизбришлива трага во развојот на рок-музиката. Меѓу нив се гитаристот Ричи Блекмор, познат по моќните рифови и авторскиот придонес во создавањето на препознатливиот звук на групата, како и клавијатуристот Џон Лорд, чии класични музички влијанија и звукот на оргулите „хамонд“ станаа заштитен знак на бендот.
Значаен период во историјата на групата е и оној со пејачот Дејвид Ковердејл и басистот и вокалист Глен Хјуз, кои придонесоа за нова музичка насока со поизразени соул и фанк-влијанија, особено на албумите „Burn“ и „Stormbringer“, објавени во 1974 година.
Основан во Англија во 1968 година, бендот „Дип парпл“ повеќе од пет децении е меѓу највлијателните имиња на хардрок-сцената. Неговата богата дискографија опфаќа повеќе од дваесет студиски албуми, бројни концертни изданија и компилации, а според официјалната биографија на бендот, неговите албуми се продадени во повеќе од 100 милиони примероци ширум светот.
Со изведбите на рок-класиците и емотивниот момент со македонската химна, „Дип парпл“ остави силен впечаток кај скопската публика, приредувајќи концертна вечер што ќе се памети.
Фото: П.Стојановски












