Димче Арсовски е новиот директор на Младинскиот културен центар, откако досегашниот Бени Шаќири си поднесе оставка.
„Поднесов неотповиклива оставка до градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, од лични причини. На предлог на градоначалникот Ѓорѓиевски, останувам дел од неговиот кабинет, на позицијата советник за култура, со што ќе се обидам, од еден поинаков аспект, да придонесам за унапредување и развој на културата во градот“, објави Шаќири на својот фејсбук-профил.
На новиот директор на МКЦ, Димче Арсовски, Шаќири му посака да биде успешен и трпелив.
– Верувам дека како млад човек ќе даде максимум од себе, за да може да се справи со сите тешкотии со кои културата се соочува изминативе години, додава Шаќири на „Фејсбук“.
Бени Шаќири беше назначен за директор на почетокот на 2024 од Данела Арсовска, тогашната градоначалничка на Скопје.
Инаку, Димче Арсовски е поранeшен портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Фото: Фејсбук












