Пораки дека официјална Софија е подготвена за дијалог со земјава добил министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Орхан Муртезани во Брисел, од бугарски претставник, откако деновиве новиот бугарски шеф на дипломатијата, Георг Георгиев, се пожали дека немало заедничко чествување на македонскиот револуционерен деец Гоце Делчев, бидејќи не добиле покана во Софија. Муртезани вели дека претставникот на Бугарија во Работната група за проширување на ЕУ лично му пренел дека бугарската страна е подготвена за разговори и упатува позитивни пораки за воспоставување дијалог. На средбите со ЕУ- претставниците, министерот апелирал дека е потребен потег од Брисел за да ги почнеме преговорите, имајќи предвид дека нашиот случај се соочува со долгогодишни билатерални спорови.
– Мислам дека се создава добра средина, која мора да ја искористиме не само за да воспоставиме дијалог, кој мора да го има помеѓу соседните земји за да се градат добрососедски односи, туку и простор што ќе нè води кон заедничко прифатливо решение, кое, конечно, ќе нè внесе во ЕУ. За да продолжиме успешно напред, мора од Брисел да има ехо, кое ќе нè увери дека понатамошни ирационални билатерални прашања нема да ни го блокираат процесот на водење на преговорите, кои, за граѓаните, сè уште се најголем стратешки приоритет – изјави за МИА Муртезани во Брисел, за каде што беше најавена и негова средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Утре, од Брисел патува за Атина, на средба со претставници со грчките власти, што е прва посета на Грција на член на новата македонска Влада.
Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, вели дека треба да се бараат контакти со новата бугарска Влада за да се најде некакво решение за длабоката конфронтација во која се наоѓаме поради бугарската блокада, но смета дека официјална Софија нема да промени ништо во политиките кон Македонија.
– Софија нема да биде среќна со нив, ама ќе мора да прифати да разговара, бидејќи во спротивно, ќе покаже некооперативност. Меѓутоа, нема ни теоретски шанси дека ќе променат тие што било од своите политики кон Македонија, како што ни повторуваат постојано, бидејќи тие го префрлија случајот во Брисел. Со право, бидејќи ние се согласивме со преговарачката рамка, која сè уште не сме ја прифатиле, а во неа се сите максималистички бугарски барања во однос на Македонија. Нашата власт направи историска грешка со потпишувањето на вториот протокол и наш излез од темниот тунел е повлекување од вториот протокол. Ние ја направивме грешката и ние мораме да ја исправиме. Не е реално да се очекува дека нашата грешка ќе ја исправат било Софија било Брисел. Во секој случај, Македонија мора да бара што поскоро средба со новиот премиер за да се отвори патот за излез од ќор-сокакот – вели амбасадорот Никовски.
Во однос на начинот на кој беа одбележани 153 години од раѓањето на Делчев, Никовски смета дека е добро што македонската страна овој пат не ги повторила претходните грешки, кога одбележувањето и свеченостите за Гоце Делчев беа заеднички.
– Тоа се повтори неколку пат во минатото и беа во прашање наши сериозни грешки. Гоце Делчев не може да биде заеднички јунак, бидејќи тој се борел за македонската кауза, а против бугарската агресија. Ако е веќе Македонец, што не е спорно, не може да биде и бугарски деец. Заедничкото одбележување на сè што е во врска со него е директна потврда за бугарските аспирации кон Македонија – изјави поранешниот амбасадор за весникот ВЕЧЕР.
Откако вчера лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека неговата партија очекува Владата да ги исполни предизборните ветувања за промена на преговарачката рамка и да ги деблокира преговорите со ЕУ, премиерот Христијан Мицкоски рече дека треба да му се даде шанса на процесот на дијалог што треба да се воспостави со Софија, но и дека остануваат на своите ставови и дека нема по која било цена да потпишува сè што ќе биде ставено на маса.
– Кога ќе имаме какви било детали, ќе ги споделиме со јавноста. Во моментот, немам детали кои би можел да ги споделам со јавноста, кои би значеле нешто важно, но мислам дека треба да му се даде шанса на процесот. Немаме намера по која било цена да одиме со главата во ѕид, нема по која било цена да потпишуваме сè што ќе ни биде ставено на маса. Нашите размислувања и политики ги знаете, ние имаме легитимитет од народот и ние мора да го слушаме народот. Политичарите што не го слушаат народот, завршуваат многу лошо – изјави вчера премиерот Мицкоски и додаде дека сето она што го ветиле на изборите во однос на евроинтеграциите, многу внимателно го исполнуваат.
За изјавите од бугарското МНР дека нема заедничко чествување на Гоце Делчев со македонската Влада затоа што Владата не го почитувала Договорот за добрососедство, премиерот Мицкоски одговори дека, според него, прв што не го почитува Договорот за добрососедство е токму бугарската Влада во 2019 година, која наместо да нè поддржува, ни ставила вето.
– Доколку сакаат тие да ги почитуваат и чествуваат ликот и делото на македонскиот великан, идеолог и револуционер Гоце Делчев, добредојдени се. Ова е слободна и демократска држава. Секој што сака да ги почитува ликот и делото на Македонецот Гоце Делчев, слободен е да дојде и да го направи тоа. Јас не гледам никаква пречка во тоа – вели Мицкоски.
Претходно, новиот бугарски министер за надворешни работи, Георг Георгиев, во интервју за БТВ се пожали дека нема заедничко чествување на Гоце Делчев бидејќи Бугарија не добила покана од Македонија. Георгиев рече дека односите меѓу Софија и Скопје се „специфични“. Во однос на тоа дали ќе ја промени Софија позицијата, со оглед на ставот на македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, дека Бугарите нема да бидат внесени во Уставот без јасни гаранции од ЕУ, Георгиев рече дека Скопје нема како да го продолжи пристапниот процес доколку не ги исполни преземените обврски.
– Тука не зборуваме само за Бугарија, и треба јасно да го потенцираме тоа. Таканаречениот француски предлог, тоа што се случи во текот на 2022 година, е меѓу сите членки на ЕУ и РСМ. Тука зборуваме за обврски што далеку го надминуваат билатералниот спор. Зборуваме за нешто со што се согласиле сите држави членки на ЕУ и РСМ. Ако не бидат почитувани обврските, ЕУ нема како да го продолжи патот за присоединување на РСМ – изјави бугарскиот министер за надворешни работи. (В.С.Н.)