вторник, јули 14, 2026
Дома МАГАЗИН Денеска е Задушница, ден во знак на сеќавање на починатите, утре Педесетница...

Денеска е Задушница, ден во знак на сеќавање на починатите, утре Педесетница (Духовден), ден кога се празнува Слегувањето на Светиот дух

339
Фото:пекселс

Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите, а утре ја празнуваат Педесетница – Слегување на Светиот Дух (Духовден).

Ова е ден кога ги спомнуваме оние кои веќе не се со нас – нашите најблиски, нашите предци, нашите пријатели и роднини кои ја завршија својата земна патека.

Овој ден не е само ден за свеќи и темјан, туку ден за љубов што не престанува, за молитва што ги премостува световите и за вера во Воскресението и животот вечен.
Денеска се молиме Господ да ги упокои во Своето царство на мир и светлина. Да им ги прости сите човечки слабости и да им подари вечно спокојство таму каде нема болка, тага, ни воздишка – туку само радост и светлина Христова.

На Летна задушница, според обичајот, в сабота вечер многу верници ќе заминат на гробиштата, за да преноќат, а другиот ден ќе делат и ќе оставаат храна на гробовите. На тој начин тие сметаат дека им оддале почит на починатите.

Во текот на годината има денови задушници кога се посетуваат гробовите и црквите за починатите и за принесување жртви за нивно спасение и за поправање на состојбата во која тие се наоѓаат во задгробниот живот. Самиот збор задушница значи за душата. И, според оваа терминологија, тоа подразбира принесување жртви и молитви. Под принесување жртва се подразбира варена пченица и вино, а во некои краишта се принесува и леб. И на тоа се ограничува принесувањето на жртвата, зашто во православната жртва има само бескрвна жртва.

Според Православната црква, постојат три задушници.

Првата во годината е Пролетната задушница, која се поврзува со почетокот на велигденскиот пост, односно саботата пред почетокот на постот. Потоа, следува Духовденската задушница, која се одбележува во саботата пред празникот Духовден, односно на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите. На крајот од годината следува Митровденската задушница, пред празникот Митровден.

Задушница (Мртва сабота, Мртвен, Мртвени дни) се деновите во кои, според народните верувања, душите на покојните предци и блиски доаѓаат од оној свет кај своите блиски барајќи од нив храна, пијалак, затоплување, чистење (капење) итн. Се верувало дека заборавањето на душите на покојните може да предизвика суши, поплави, немаштија, болести и други несреќи. Кај народот постојат две примарни (пролетна и есенска) задушници.

Во недела, пак, православните христијани го одбележуваатголемиот празник Духовден, познат и како Педесетница, Свети Дух или Света Троица – еден од најзначајните празници во православието, посветен на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите и формирањето на Христовата црква.

Духовден, всушност, се празнува три дена, а првиот ден секогаш е во недела. Празникот доаѓа педесет дена по Велигден и десет дена по Спасовден. Името Педесетница го добил токму поради тоа што се одбележува на педесеттиот ден по Христовото Воскресение.

Но, кај народот, овие денови отсекогаш биле поврзани и со молитвата за починатите, со спомените и со тивката почит кон оние што повеќе не се меѓу нас.

Петокот пред Духовден традиционално е ден посветен на молитва за упокоените и духовна подготовка за Духовденската задушница, која се одбележува во сабота. Во православната традиција, верниците тогаш ги посетуваат гробиштата, палат свеќи, носат варена пченица, леб и вино, и се молат за покој на душите на своите блиски.

Во многу македонски семејства, овие денови не се само верски празник, туку и време кога домот станува потивок, а спомените погласни. Денови кога едно запалено кандило, една молитва или едно споменување на нечие име имаат посебна тежина.

Според христијанското учење, на Духовден се исполнило Христовото ветување за доаѓањето на Светиот Дух. Апостолите, кои дотогаш биле исплашени и збунети ученици, добиле сила, мудрост и храброст да ја шират Христовата порака. На овој ден, по проповедта на апостол Петар, биле крстени околу 3000 луѓе и била формирана првата христијанска црква, поради што празникот често се нарекува и „роденден на Црквата“.

Иако црквата прави јасна разлика помеѓу Духовден и Задушница, во народната традиција овие денови останале длабоко поврзани со сеќавањето на покојните, со молитвата и со духовниот мир.

ИЗДВОЕНИ