вторник, септември 15, 2026
Дома СВЕТ Дел од свадбата на Трамп Помладиот на сметка на човек на Путин

Дел од свадбата на Трамп Помладиот на сметка на човек на Путин

1
EPA/RAJAT GUPTA

 

Дел од трошоците за свадбата на Доналд Трамп Помладиот, син на претседателот на САД, Доналд Трамп, платил Умар Кремлев, руски олигарх близок до претседателот на Русија, Владимир Путин, објави американскиот непрофитен истражувачки портал „Пропублика“.

Според порталот, Кремлев платил 170.000 долари за изнајмување приватен остров на Бахамите и ги намирил сите трошоци за прославата по свадбата на Доналд Трамп Помладиот и неговата сопруга, Бетина Андерсон. Кремлев, секако, бил на оваа прослава и се наведува дека многу гости биле изненадени и не знаеле кој е тој. Иако Доналд Трамп Помладиот го нарекол „близок пријател“, неговиот брат, Ерик Трамп, изјавил за „Пропублика“ дека „нема поим кој е Кремлев“. Но, во објава на „Инстаграм“ потпишана и од нејзиниот сопруг, Доналд Трамп Помладиот, Бетина потврди дека дел од тридневната прослава за нивната свадба во мај бил финансиран од човек тесно поврзан со рускиот претседател, Владимир Путин. Таа напиша дека Умар Кремлев е „драг пријател што многу великодушно организирал две неверојатни вечери на прослава по свадбата. Тоа беше исклучително дарежлив свадбен подарок од пријател, за кој бевме и сè уште сме неверојатно благодарни“. Според „Пропублика“, во трошоците што ги покрил Кремлин влегува и изнајмување на еден од двата приватни острови каде што се одржала тридневната прослава со огномет.

Овој руски олигарх има особено длабоки врски со сегашниот режим во Русија. Тој не е само еден од многуте милијардери што се блиски до Путин туку и често патува со него. Неодамна беше дел од делегацијата на Путин при посетата на Кина. Сепак, до пред 16 години тој беше релативно непозната личност и немаше никаква моќ или средства. Сè се промени во 2010 година, кога ѝ се приклучи на озлогласената група мотоциклисти „Ноќни волци“, која е исклучително блиска до режимот на Путин. За само неколку години стана лидер на „Ноќните волци“, а тоа му овозможи важни врски со внатрешниот круг на Путин. Така стигна до позицијата претседател на Руската боксерска организација, а во 2020 година – на контроверзната Меѓународна боксерска асоцијација (ИБА), до која почнаа да течат пари од руски „Газпром“. Кремлев неодамна беше награден со Орден за пријателство на Путин, според Меѓународната боксерска асоцијација. Сега тој е еден од најбогатите луѓе во Русија и исклучително близок соработник на Путин.

Голем број конгресмени и сенатори ја споделија приказната објавена од „Пропублика“ на своите профили на социјалните мрежи и побараа конкретна реакција на фактот дека еден од најблиските соработници на рускиот претседател, во суштина, „купува услуги“ од Трамп Помладиот. Веста доби на значење и го обиколи светот пред сè затоа што овој подарок доаѓа во време кога Русија сè уште е во војна по инвазијата врз Украина, а американскиот претседател не успеа да посредува во постигнувањето на ветениот мировен договор меѓу двете земји, пишува „Асошиејтед прес“.Трамп Помладиот, пак, и претходно беше предмет на внимание поради своите врски со Русија.

– Жално е што може да се прикаже нешто толку лично и среќно како нешто политичко или злокобно само поради тоа кој е некој или од каде доаѓа. Пријателството не мора да има политички мотив. Дарежливоста не подразбира автоматски скриена мотивација. А понекогаш свадбениот подарок е само свадбен подарок – напиша Бетина.

ИЗДВОЕНИ